Франција не е само спортска сила, туку лабораторија која со децении произведува шампиони. Од фудбалери кои ги полнат европските лиги, преку кошаркари кои ја преплавуваат НБА, до „Ле експертс“ (Les Experts) во ракометот кои редовно стојат на подиумот. Шемата е јасна. Франција, како и другите, не чека талент. Таа го произведува.
Според фудбалската ЦИЕС опсерваторија (CIES Football Observatory), земјата е најголемиот извозник на фудбалери во Европа, со повеќе од 940 активни играчи во странски лиги. Во кошарката приказната е слична, со повеќе од 20 француски играчи кои моментално играат во НБА, а тројца од нив беа избрани меѓу првите 10 на драфтот во 2024 година (Ризашер, Сар, Салаун). Во ракометот Франција освои шест светски титули и три златни олимписки медали, најмногу во историјата.
Прочитај повеќе
Рекордни плати и договори - започнува новата НБА-сезона
Новата, 80. НБА-сезона започнува вечерва, а ќе ја отвори актуелниот шампион Оклахома Сити тандер со натпревар против Хјустон рокетс.
21.10.2025
Три децении заработка: Кои се најбогатите спортисти во регионот
Три децении пари во спортот се сведуваат на истото правило: НБА-договорите се на врвот, европскиот фудбал ја пополнува средината на пирамидата, а тенисот со еден исклучок ја нарушува матрицата.
29.10.2025
НБА ја засилува европската офанзива, ангажира клучен сојузник од Волстрит
НБА-лигата е решена да реализира амбициозен проект за почнување ново големо европско кошаркарско натпреварување. Во тој потфат клучна улога ќе има „ЏП Морган“, една од најголемите глобални банки, како нов стратешки партнер на лигата.
08.08.2025
Колку заработуваат македонските спортски клубови?
Анализиравме колку заработиле македонските спортски клубови во 2024
10.06.2025
Зад недопирливиот фудбал: Бараме кој е вториот најпопуларен спорт во регионот
Во сите земји од регионот Адрија фудбалот неприкосновено се држи на врвот на популарноста. Но кои спортови се зад него?
18.04.2025
Во коренот на сето тоа е ИНСЕП (INSEP - Institut national du sport, de l'expertise et de la performance - Национален институт за спорт, експертиза и перформанси), епицентарот на францускиот модел.
Основан во 1975 година, ИНСЕП е комбинација од спортска наука, образование и државна поддршка. Тоа е место каде што талентот не само што се тренира, туку и се образува, двоен проект (од анг. double project) што им овозможува на спортистите да завршат факултет и да станат врвни професионалци.
Моделот е пренесен на сите федерации. Фудбалот ги има „Клерфонтен“ (Clairefontaine) и мрежа од регионални центри „pôles espoirs“ под контрола на Француската фудбалска федерација (ФФФ). Кошарката и ракометот користат слични формати. Резултатот е унифицирани стандарди, контролиран развој и база што не се потпира на случајност.
Како што рече легендарниот фудбалски тренер Арсен Венгер, сега директор за развој на ФИФА, „колку е подобар развојот на талентот, толку се подобри професионалните резултати“. Франција ја претвори оваа теза во национална стратегија.
Лиги што даваат минутажа
Додека во Англија или Италија младите играчи ретко добиваат шанса, француската Лига 1 стана платформа за забрзан развој. Статистиката покажува дека француската лига со години е прва во Европа по бројот на минути одиграни од фудбалери под 21 година.
Ова не е само спортска одлука, туку е јасен економски модел.
Клубови како Лион, Монако или Стразбур (по преземањето од страна на „Блуко“ - BlueCo) живеат од развој и продажба на играчи и генерираат милијарди евра годишно.
Според „Трансфермаркт“ (Transfermarkt), во периодот меѓу 2014 и 2024 година француските клубови генерирале речиси четири милијарди евра приходи од продажбата на сопствени таленти. Со други зборови, талентот не е нуспроизвод, туку продукт за извоз.
НБА бран како резултат на системот
Феноменот на Виктор Вембањама не е исклучок, туку логична последица. Вембањама, кој пристигна во НБА од Метрополитанс 92, е производ на систем кој комбинира училишен, клупски и државен надзор. Неговиот подем ја симболизира француската револуција во НБА, во 2024 година за прв пат во историјата тројца Французи беа избрани во ТОП10.
Во својата книга „Кошаркарска империја“ (Basketball Empire), авторката Линдзи Сара Красноф објаснува дека Франција е глобален пример за тоа како државната политика и мултикултурната енергија на предградијата создаваат талент што ја разбира глобалната игра. Додека другите земји имаа златни генерации, Франција има синџир на снабдување.
Олимписки „стрес тест“ и национална политика
Париските олимписки игри беа последниот доказ. Франција освои 64 медали, најмногу во својата модерна историја.
Националната агенција за спорт (Agence nationale du sport), основана во 2019 година, одигра клучна улога во координирањето на јавното и приватното финансирање за спорт. Покрај тоа, програмата „Пас спорт“ (Pass’Sport) субвенционира членарина за деца од семејства со пониски приходи, проширувајќи ја на тој начин базата на учесници.
Со други зборови, спортот стана инструмент за инклузија, економија и имиџ. Франција повеќе не е задоволна да биде домаќин на големи настани, туку ги користи за да создаде траен капацитет.
Ако постои спорт што совршено го симболизира францускиот модел, тоа е ракометот. Од Карабатиќ до денешната генерација, континуитетот трае повеќе од 20 години. Зад успехот стои централизирана федерација, научен пристап и работна етика што националниот систем ја всадил во секоја генерација.
Земјата како гига-фабрика на таленти
Француската ракометна репрезентација не е само тим, тоа е бренд што симболизира континуитет, планирање и институционално знаење. Она што го постигна во ракометот од 2000 година, Франција сега го реплицира во кошарката и фудбалот.
Додека другите земји се потпираат на таленти што „се појавуваат“, Франција има политика што систематски ги создава. Од ИНСЕП и „Клерфонтен“ до програмата „Пас спорт“, од населбите во предградието до терените на НБА, сè е дел од истиот екосистем.
Ова објаснува зошто толку многу врвни спортисти доаѓаат од земја со население од 68 милиони. И зошто Франција победува сериски, а не случајно.