Ако на крајот од 2025 година се повлече линија под саудиската спортска стратегија, сликата е појасна отколку пред две години, но и непријатна за оние што очекуваа брзи одговори. Првата фаза – купување глобално внимание е завршена. Втората фаза – онаа во која спортот треба да започне да личи на индустрија, само што започна.
Саудиската Пролига и натаму е највидливиот симбол на саудискиот продор. Но 2025 година е година кога фокусот се помести од имињата на билансот. Лигата се обидува да воведе елементи на финансиска дисциплина, посилен надзор на трошоците и прва сериозна рамка за приватизација на клубовите. Пораката е јасна, целта не е лигата да биде витрина на ПИФ (PIF), туку средство за инвестиции.
Проблемот е што сè уште нема докази дека глобалната побарувачка го следи вложениот капитал. Интернационалната дистрибуција постои, но структурата на приходите останува нетранспарентна, а односот на трошоците и реалните приходи сè уште не изгледа одржливо без државна поддршка. Со други зборови, Пролигата ја преживеа првата фаза на „хајп“, но сè уште не докажа дека може да живее без инфузија.
Прочитај повеќе
Модриќ и Ѓоковиќ избираат наследство, други спортисти ги ловат арапските милиони
Во завршницата на кариерата, врвните спортисти избираат меѓу две стратегии. Едната е „златниот излез“ — Саудиската Про лига и, со поинаква логика, МЛС, каде платите, даночниот третман и комерцијалните пакети нудат рекордни суми
12.09.2025
НЕОМ СК: Најамбициозниот проект во историјата на спортот
НЕОМ СК симболизира нова ера на спортски капитализам – без историја, но со трилион долари во џебот.
29.05.2025
Нафта, пари и моќ: Како фондовите од Заливот го освојуваат светот на спортот
Покрај Заливот, тука е и Кина, која користи средства за проекти во рамките на иницијативата „Појас и пат“, како и Норвешка, чиј суверен фонд за богатство, со портфолио од 1,7 трилион долари, ја носи титулата најголем во светот.
26.05.2025
Двојни правила на игра: Саудиски фондови и англиски спорт
Додека Премиерлигата го прифаќа капиталот од САД и од Катар, саудиското преземање на Њукасл јунајтед разоткри длабока политичка напнатост.
29.04.2025
Саудијците открија зошто вложуваат во спортот: Отпорен е на кризи
Спортот е одличен генератор на развој на туризмот, а за разлика од многу други сектори, тој е отпорен на кризи.
25.01.2025
Фудбал на нафтени долари: Како Саудиска Арабија ќе го организира СП во 2034
Се чини дека Светското првенство во Катар беше повеќе вовед во иднината на фудбалот отколку некоја аномалија.
15.12.2024
Тенис: стратегиски влез во премиум термини
За разлика од фудбалот, тенисот изгледа како повнимателно смислен проект. Влезот преку ВТА (WTA Finals) и институционалното партнерство со АТП (ATP) покажуваат долгорочна логика: контрола на термините, а не само спонзорска видливост. Најавата за турнирот Мастерс 1000 од 2028 година ја позиционира Саудиска Арабија како иден сопственик на еден од највредните календарски распореди во спортот.
Сепак, скептиците предупредуваат на преполнетиот календар и репутацискиот ризик. Тенисот е спорт што веќе со години балансира помеѓу растот и заморот, а саудискиот влез дополнително го заострува прашањето дали системот може да апсорбира уште еден мегатурнир без да пукне по шевовите.
Ако постои вертикала во која саудиската стратегија изгледа речиси безгрешно, тоа е гејмингот. Светскиот куп во е-спортови (Esports World Cup) во Ријад е брз, глобален, дигитален и ослободен од инфраструктурните проблеми на класичниот спорт. Публиката е млада, дистрибуцијата е глобална, а репутацискиот отпор значително послаб отколку во фудбалот или атлетиката.
Во овој сегмент Саудиска Арабија не купува само настани туку и гради екосистем, клубови, лиги и инвестиции. Тоа е најбрзиот поврат на вложениот политички и маркетиншки капитал.
СП 2034: моментот кога спортот престанува да биде забава
Доделувањето на Светското првенство во 2034 година на Саудиска Арабија менува сè. Веќе не станува збор за спорт, туку за инфраструктура, работна сила, фискална дисциплина и меѓународен легитимитет. Првите знаци на „трошковна дисциплина“ и редизајнирање на проектите се веќе видливи, што покажува дека дури и ПИФ не го третира овој проект како неограничен чек.
За разлика од трансферите или турнирите, СП не може да се скалира маркетиншки. Роковите се фиксирани, а грешките видливи. Токму тука лежи најголемиот ризик на саудиската спортска политика.
ЛИВ Голф го промени пазарот, но до крајот на 2025 година не е нормализиран. Несигурните односи со ПГА (PGA Tour), нерешеното прашање на рангирањето и заминувањето на дел од ѕвездите сигнализираат дека војната на исцрпување има своја цена. Голфот останува симбол на моќ, но и предупредување колку долго паралелните системи можат да опстанат без консензус.
Што велат тие, што велат аналитичарите
Саудискиот наратив останува конзистентен - спортот како дел од трансформацијата на општеството, туризмот и економијата. Аналитичарите, од друга страна, сè почесто го преместуваат фокусот од етиката на економијата. Клучното прашање не е повеќе прикривањето на имиџот преку спортот (sportswashing), туку одржливоста. Може ли овој систем да преживее фаза во која трошоците се нормализираат, а вниманието на пазарот слабее?
На крајот од 2025 година Саудиска Арабија има спортско портфолио какво што нема никој друг. Има фудбал, тенис, гејминг и Светско првенство во најава. Но она што сè уште го нема е доказот дека тоa портфолио може да функционира без постојана државна интервенција.
Втората фаза на саудискиот проект нема да се мери со бројот на ѕвезди, туку со бројот на приватни инвеститори, стабилноста на приходите и способноста да се стават трошоците под контрола пред 2034 година да престане да биде визија и да стане рок.