„Антропик“ (Anthropic PBC) го обвини кинескиот технолошки гигант „Алибаба“ (Alibaba Group Holding Ltd.) дека спровел обемна акција со цел „незаконски“ пристап до неговиот модел за вештачка интелигенција Клод (Claude). Според обвинувањата, „Алибаба“ користел илјадници лажни сметки, со што ја поткопал одлуката на овој американски развивач на вештачка интелигенција да не ги пласира своите производи на кинескиот пазар.
„Антропик“ тврди дека кампањата на оператори поврзани со лабораторијата за вештачка интелигенција Квен (Qwen) на „Алибаба“ била насочена кон највредните способности на Клод, вклучувајќи софтверско инженерство и агентско расудување (agentic reasoning), стои во писмото што овој ВИ стартап го испратил до неколку американски сенатори и претставници на Белата куќа. Компанијата навела дека станува збор за досега најголем обид на една кинеска компанија неовластено да ја искористи работата на водечките американски лаборатории.
Во своето писмо, „Антропик“ тврди дека акцијата вклучувала 28,8 милиони интеракции со Клод меѓу април и јуни преку речиси 25.000 лажни сметки, дознаваат лица запознаени со документот и од копија до која имал увид „Блумберг“. Компанијата навела дека кампањата на „Алибаба“ е слична на претходните обиди на други кинески програмери кои „Антропик“ ги истакна во објава претходно годинава.
Прочитај повеќе
Модели на „Антропик“ исклучени преку ноќ - каков знак е тоа за бизнисите во регионот
Владата на САД ги забрани новите модели на Клод само три дена откако беа објавени, одлука што им покажа на компаниите во Европа и регионот дека пристапот до клучните алатки за вештачка интелигенција може да исчезне преку ноќ.
19.06.2026
Зошто САД ја блокираа својата најмоќна алатка за вештачка интелигенција?
Иако администрацијата тврди дека ја штити земјата од сајбер закани, потезите против домашните компании за вештачка интелигенција би можеле да станат сериозен проблем за американските одбранбени системи.
17.06.2026
Тајната на различното лидерство: Дарио Амодеи го води „Антропик“ со само еден директен соработник
Додека повеќето технички директори управуваат со голем број раководители и се стремат да го прошират својот опсег на контрола, Дарио Амодеи од „Антропик“ користи сосема поинаков модел. Тој се фокусира на долгорочна стратегија, развој на вештачката интелигенција и културата на компанијата
13.06.2026
„Антропик“ предлага пауза во развојот на вештачката интелигенција поради големи ризици
„Антропик“ повикува на итна пауза во развојот на вештачката интелигенција, предупредувајќи дека технологијата може да излезе од човечка контрола.
11.06.2026
Акциите на „Алибаба“ паднаа во четвртокот во Хонгконг за дури 4,8 отсто по објавувањето на оваа вест.
„Антропик“ предупреди дека „Алибаба“ и други кинески лаборатории систематски и неовластено ги користат резултатите од водечките американски модели за да развијат конкурентна генерација чет-ботови со само дел од реалните трошоци, преку практика позната како „противничка дестилација“ (adversarial distillation). Тие предупредија дека системите за вештачка интелигенција изградени со оваа метода често немаат безбедносни механизми и ја повикаа администрацијата на Трамп да ги засили напорите за спречување на оваа практика.
„Овие напади со дестилација се спроведуваат незаконски, систематски и на индустриско ниво со цел да се соберат способностите на американската вештачка интелигенција од напредни лаборатории и да се ребрендираат како сопствени, без да се сносат трошоците за обука и истражување и развој потребни за создавање на напредните американски модели“, напиша „Антропик“ во своето писмо.
Од „Алибаба“ немаа коментар. Портпаролот на „Антропик“ одби да навлегува во детали за писмото, но ја нагласи важноста од борбата против дестилацијата преку „координирана акција на владата и индустријата“.
Писмото на „Антропик“ претставува најнов апел од водечките американски ВИ компании за ограничување на одреден вид дестилација - процес во кој програмерите ги обучуваат сопствените системи користејќи излезни податоци од друг ВИ модел за да создадат слични способности во нов модел по значително пониска цена.
Иако ова се толерира при обучување помали и помалку напредни системи, дестилацијата ги прекршува условите за користење на ВИ лабораториите кога се применува за реплицирање врвни модели без дозвола.
Оваа практика толку многу ги вознемири американските програмери што „Антропик“, „Опен еј-ај“ (OpenAI) и „Гугл“ (Google) ги здружија силите за да споделуваат информации за обиди за дестилација што ги прекршуваат нивните услови за користење. „Антропик“ и „Опен еј-ај“ претходно предупредија дека кинески ВИ стартапи, вклучувајќи ги „Дипсик“ (DeepSeek) и „Минимакс“ (Minimax), користеле дестилација за развој на сопствени модели.
Законодавците во Вашингтон преземаат чекори за да одговорат на загриженоста на американската индустрија. Во Сенатот, републиканецот Бил Хагерти од Тенеси и демократот Енди Ким од Њу Џерси планираат да предложат амандман на клучниот закон за одбрана што мора да биде усвоен.
Тој амандман би ја ставил на црна листа или би ја санкционирал секоја кинеска компанија за која ќе се утврди дека неправилно пристапува до излезните податоци од американските ВИ модели за обука на конкурентни модели, наведува лице запознаено со темата.
Засега не е јасно дали амандманот ќе добие доволна поддршка за да биде вклучен во конечната верзија на законот за одбрана. Сличен двопартиски предлог-закон во Претставничкиот дом, поддржан од републиканецот Бил Хуизенга од Мичиген и демократката Сидни Камлагер-Дав, исто така се разгледува за вклучување во годишниот пакет мерки за одбрана.
Овие предлози следуваат по првите чекори што администрацијата на Трамп веќе ги презеде по ова прашање. Во април, директорот на Канцеларијата за политика на наука и технологија на Белата куќа, Мајкл Крациос, објави меморандум во кој се наведува дека САД ќе помогнат во спречувањето на обидите на кинески компании да ги искористуваат излезните податоци од американските модели.
Во меморандумот тоа е опишано како практика различна од легитимното истражување поради нејзиното „индустриско ниво“ и потпирањето на илјадници прокси-сметки.
„Антропик“ истакна дека кампањата на „Алибаба“ се одвивала откако Крациос го објавил меморандумот, со што ги игнорирала предупредувањата на администрацијата. Компанијата предупреди дека недостигот од одговор на ваквите обиди може да ѝ овозможи на Кина да ги стигне САД во областа на вештачката интелигенција, што претставува закана за националната безбедност.
Обвинувањата против „Алибаба“ го зголемуваат политичкиот притисок во Вашингтон врз оваа компанија, која претходно овој месец беше ставена на црната листа на американското Министерство за одбрана поради наводна поддршка на кинеските вооружени сили - детаљ што се споменува и во писмото на „Антропик“.
„Алибаба“ и понатаму тврди дека нема никаква поврзаност со кинеската војска и оваа недела го тужеше Пентагон со цел да биде отстранет од листата.
За „Антропик“, заканата од поевтини имитации од Кина кои привлекуваат клиенти претставува голем проблем во момент кога компанијата, која приватните инвеститори сега ја проценуваат на 965 милијарди долари, се подготвува за иницијална јавна понуда (ИПО). Американски претставници проценуваат дека неовластената дестилација ги чини лабораториите во Силициумската долина милијарди долари, објави „Блумберг“.
Со своето писмо, „Антропик“ ги повикува САД да ги разјаснат насоките за заштита на конкуренцијата за да се овозможи поголемо споделување информации меѓу американските компании за обиди за дестилација.
Компанијата ја повтори својата поддршка за контрола на извозот на напредни ВИ чипови и побара САД да ги казнуваат компаниите што користат дестилација за собирање вредни информации со цел создавање сопствени модели.
Сепак, повиците на „Антропик“ за дополнителна државна поддршка во спротивставувањето на она што го гледа како нефер практика на кинеските конкуренти можеби нема целосно да наидат на одобрување во Белата куќа.
Компанијата е вмешана во нов спор со администрацијата на Трамп, која пред помалку од две недели воведе контрола на извозот за два од најдобрите модели на „Антропик“, наведувајќи безбедносни причини.
Дури и по минатонеделните состаноци меѓу водечкиот технички кадар на „Антропик“ и претставници на Белата куќа, постигнат е мал напредок во намалувањето на тензиите и повторното воспоставување услуги за ВИ системите Фејбл 5 (Fable 5) и Митос 5 (Mythos 5) на оваа компанија.
Компанијата го оневозможи пристапот до овие модели пред повеќе од една недела, откако Министерството за трговија воведе ограничувања со кои им се блокира користењето на овие алатки за вештачка интелигенција на странски лица.