Главниот извршен директор на „Енвидија“ (Nvidia Corp.), Јенсен Хуанг, изјави дека побарал од „Тајван семикондактор мануфактуринг - ТСМЦ“ (Taiwan Semiconductor Manufacturing Co. – TSMC) повеќе испораки на чипови бидејќи побарувачката за вештачка интелигенција (ВИ) и натаму е силна.
„Бизнисот е многу силен и расте од месец во месец, сè посилен и посилен“, изјави Хуанг пред новинарите во Хсинчу, Тајван, каде што присуствуваше на годишниот спортски ден на ТСМЦ. Трите добавувачи на мемориски чипови за вештачка интелигенција на „Енвидија“ – „СК Хајникс“ (SK Hynix Inc.), „Самсунг електрникс“ (Samsung Electronics Co.) и „Микрон технолоџи“ (Micron Technology Inc.) - веќе го зголемија и онака огромниот капацитет за да ја поддржат компанијата, рече тој во саботата.
Извршниот директор на ТСМЦ, исто така, во саботата рече дека Хуанг побарал повеќе чипови при нивната средба. ТСМЦ очекува да продолжи да бележи рекордна продажба секоја година, им рече Ц.Ц. Веи на вработените за време на настанот.
Акциите на технолошките фирми со мега капитализација претрпеа удар оваа недела откако еден напад на скептицизам ја надмина еуфоријата кон вештачката интелигенција. Расположението на инвеститорите беше нарушено од прашањата за финансирање на „Опен еј-ај“ (OpenAI) и мечкините облози за „Енвидија“ од „Сајон асет менаџмент“ (Scion Asset Management) на Мајкл Бери.
Сепак, „Енвидија“ останува највредниот бизнис во светот, пред „Епл“ (Apple Inc.) и „Мајкрософт“ (Microsoft Corp).
Оптимизмот на Хуанг за побарувачката на ВИ го делат и неговите колеги. Извршниот директор на „Куалком“ (Qualcomm Inc.), Кристијано Амон, за ТВ „Блумберг“ неделава изјави дека светот потценува колку ќе стане голема новата технологија.
Хуанг се сретна со Веи од ТСМЦ на вечера во петокот. Денеска тој изрази благодарност до ТСМЦ за нивната поддршка, која, според него, е клучна за успехот на „Енвидија“. „Ако го нема ТСМЦ, ја нема и ‘Енвидија’“, рече тој.
Напорите на Хуанг да ги зајакне врските со ТСМЦ доаѓаат во време кога конкурентите, вклучувајќи го и „Куалком“, се обидуваат да го оспорат лидерството на „Енвидија“ во акцелераторите за ВИ, додека истовремено се во трка за ограничените залихи од тајванскиот производител на чипови.
Веи во октомври им рече на аналитичарите дека капацитетот на ТСМЦ останува многу ограничен и дека компанијата работи напорно за да го намали јазот меѓу побарувачката и понудата.