Технолошкиот гигант „Епл“ (Apple Inc.) изгуби во обидот да ја отфрли колективната тужба во Лондон, која ја обвинува компанијата дека ги доведува во заблуда клиентите со контроверзната алатка „пауер менаџмент“ (power management) во нејзините ајфони.
Апелацискиот трибунал за конкуренција, судот што се занимава со колективните постапки во Британија, одлучи дека постапката сега може да продолжи, според пресудата во средата. Адвокатите на „Епл“ побараа да се отфрли случајот со образложение дека уредите што се предмет на спорот биле супстандардни.
Во тужбата се наведува дека „Епл“ ја злоупотребил својата доминантна позиција на пазарот информирајќи ги клиентите дека ажурирањата на софтверот од крајот на 2016 година го подобриле животниот век на батеријата на уредите, а всушност тивко го „задушиле“.
„Никогаш не сме направиле и никогаш не би направиле нешто за намерно да го скратиме животниот век на кој било производ на 'Епл' или да го деградираме корисничкото искуство за да поттикнеме надградби од страна на клиентите“, рече портпаролот на „Епл“ по одлуката.
Џастин Гутман, пазарен истражувач што ја предводи тужбата во име на корисниците на ајфони во Велика Британија, рече дека „Епл“ ја затскрил алатката за управување во ажурирањата за да скрие дека батеријата на телефонот не може да се справи со барањата за процесирање на новиот софтвер.
„Тоа го отвора патот за милиони потрошувачи, кои беа оставени да плаќаат за замена на батерии или нови модели на телефони, да ја добијат заслужената компензација“, посочува Гутман во изјавата.