Американските власти водат истрага за наводи од поранешни соработници на „Мета“ (Meta Platforms Inc.) дека персоналот на компанијата можел да има неограничен пристап до Ватсап (WhatsApp) пораки, и покрај тврдењата на компанијата дека оваа апликација е приватна и шифрирана. Според извештаи на „Блумберг њуз“ (Bloomberg News), истрагата вклучува сојузни агенти од Министерството за трговија на САД, кои ги разгледуваат овие наводи, кои биле поткрепени и со пријави од разни извори, вклучувајќи и поранешни работници во „Мета“.
Тврдењата, кои вклучуваат наводи дека поранешни и тековни вработени во компанијата на Марк Закерберг имале „неограничен“ пристап до Ватсап пораки, се разгледуваат во контекст на наводни повреди на приватноста на корисниците. Овие наводи се предмет на истрага која вклучува и поднесен приговор до Комисијата за хартии од вредност на САД (SEC) во 2024 година.
Тврдењата на поранешните соработници се во директна спротивност со маркетинг стратегијата на „Мета“, која го промовира Ватсап како апликација која има „енкрипција од крај до крај“, што значи дека, според веб-страницата на компанијата, „никаков надворешен субјект, вклучително и Ватсап, не може да чита или слуша што корисникот испраќа“.
„Мета“ го негира пристапот до пораки
Според Eнди Стоун, портпарол на „Мета“, наводите се невистинити. „Тоа што овие лица го тврдат е невозможно, бидејќи Ватсап, неговите вработени и извршители, не можат да пристапат до шифрираните комуникации на корисниците“, напиш Стоун во соопштение за медиумите.
И покрај оваа изјава, соработници кои работеле на модерирање на содржина за „Мета“, преку соработка со технолошката консултантска фирма „Аксентчур“ (Accenture), тврдат дека имале пристап до Ватсап пораки. Некои од нив, како што пишува во извештаите, изјавиле дека имале широк пристап до содржина на пораки кои официјално се сметаат за шифрирани и недостапни.
Технички детали и контроверзии
Од Meta тврдат дека пораките на Ватсап се заштитени со дигитални клучеви, кои остануваат на телефонот на корисникот и не се достапни за компанијата. Меѓутоа, истражувањата на агентите на Министерството за трговија откриле дека во некои случаи, кога корисниците пријавуваат проблематични пораки, Ватсап може да ги види последните пет пораки, без да го извести корисникот.
Иако „Мета“ го негира пристапот на вработените до шифрирани пораки, ова не е првпат да се појават обвиненија за злоупотреба на приватноста. Во 2019 година, „Мета“ беше казнета со рекордна глоба од 5 милијарди долари од страна на Федералната трговска комисија на САД за нарушување на правилата за приватност.
Наводите на поранешните соработници се слични на тужбата која беше поднесена на 23 јануари во САД, во која група интернационални тужители ги обвинуваат „Мета“ и Ватсап дека „чуваат, анализираат и имаат пристап до сите наводно приватни комуникации на корисниците“. „Мета“ го оцени ова тужбено барање како „неосновано“ и најави правни мерки против адвокатите на тужителите.