„Енвидија“ (Nvidia) со своите чипови Х100 (H100) стана лидер во сферата на вештачката интелигенција (ВИ), додека Европската Унија со својот Закон за вештачка интелигенција (AI Act) презема водечка улога во етичката регулација, но, според мислењето на некои, го забавува развојот на ВИ-технологијата во Европа. Во исто време САД и Кина се најдоа во „технолошка студена војна“, каде што чиповите и соларните панели ја заменуваат традиционалната дипломатија.
„Епл“ (Apple) со „вижн про“ (Vision Pro) ја претстави својата визија за проширена реалност, иако сè уште се бара во светот на генеративната вештачка интелигенција. Вселенскиот сектор, предводен од ракетата „старшип“ (Starship) на „Спејс екс“ (SpaceX), буквално достигна нови височини, додека квантните компјутери ги поместуваат границите на можностите - квантниот чип „вилоу“ (Willow) на „Гугл“ (Google) обработува податоци побрзо отколку што можеме да замислиме.
Фармацевтскиот сектор забележа експанзија со „оземпик“ (Ozempic), додека термалните батерии отвораат врати за енергетски поефикасна иднина. Иновациите во 2024 година се натпреваруваат со предизвици како инфраструктура, регулации и геополитички тензии. Иднината не е едноставна, но е сигурно возбудлива. Ова се само некои од клучните примери што ќе влијаат или веќе значително влијаат на развојот во наредните години.
Успехот на „Енвидија“
„Енвидија“ направи неверојатен прогрес во технологијата на чипови за вештачка интелигенција, зацврстувајќи се како лидер во тој сектор. Пазарната вредност на компанијата надмина 3,6 трилиони долари, со што на момент дури го претекна „Мајкрософт“ (Microsoft). Нивните чипови за ВИ од серијата „Х100 хопер“ (H100 Hopper) станаа златен стандард за погон на големите јазични модели (LLM) како ГПТ-4 (GPT-4) и неговите наследници, поттикнувајќи побарувачка меѓу технолошките гиганти како „Мајкрософт“ (Microsoft), „Гугл“ (Google) и „Мета“ (Meta).
Воведување на Законот за вештачка интелигенција на ЕУ (AI Act)
Европската Унија го усвои својот револуционерен Закон за вештачка интелигенција (EU AI Act), кој поставува стандарди за етички развој и примена на вештачката интелигенција. Оваа регулаторна рамка ќе влијае на технолошките политики низ светот. Државите и компаниите надвор од Европа веројатно ќе мора да ги приспособат своите практики за да работат на европскиот пазар. Сепак, критичарите предупредуваат дека законот е премногу фокусиран на регулација, додека недоволно ги поттикнува истражувањето и развојот во Европа. Поради строгите ограничувања, компаниите би можеле да ги преместат своите развојни проекти надвор од Европа, што би можело да ја намали нејзината конкурентност на глобалниот пазар.
„Епл“ го претстави „вижн про“, што претставува значаен чекор во иновациите на полето на проширената реалност. Сепак, технолошкиот гигант се соочува со видливи предизвици во развојот на генеративната вештачка интелигенција. Тоа го поттикна „Епл“ да го диверзифицира бизнисот надвор од „ајфон-центрираниот“ модел. Компанијата планира воведување сопствени модемски чипови што ќе ги заменат компонентите на „Куалком“ (Qualcomm), со амбиција до 2027 година да ја надмине технологијата на тој конкурент, што би можело значително да ја промени пазарната динамика.
САД ги заострија извозните ограничувања за напредни технологии, вклучувајќи ги чиповите од серијата Х100 на „Енвидија“ и софтверот за вештачка интелигенција, со цел да го забават технолошкиот напредок на Кина. Како одговор, Кина ги разви чиповите „мејт 70“ (Mate 70), кои ги произведува „Хуавеј“ (Huawei), и ја зголеми домашната продукција на полупроводници преку СМИЦ (SMIC), каде што претстави седумнанометарски чипови. Исто така, Кина ја зголеми продукцијата на соларни панели и разви нови генерации на високоефикасни батерии.
Од друга страна, САД преку законот ЧИПС (CHIPS) поттикнаа изградба на фабрики за полупроводници, како фабриката на „Интел“ (Intel) во Аризона, и ја зајакнаа соработката со Јапонија, која го ограничи извозот на клучни материјали за литографија, потребни за кинеската продукција на чипови. Критичарите предупредуваат дека овие тензии би можеле да доведат до „технолошка студена војна“, поделувајќи го глобалниот пазар. Трката за технолошка доминација помеѓу овие две земји не покажува знаци на смирување, а двете страни брзо инвестираат во иновации и го зајакнуваат своето влијание на глобалната сцена.
„Мајкрософт“ купи повеќе од 485 илјади чипови Х100 на „Енвидија“ за своите модели на вештачка интелигенција, додека „Амазон“ (Amazon) вложи дополнителни четири милијарди долари во „Антропик“ (Anthropic) за развој на конкурентни решенија за вештачка интелигенција. „Мета“ најави нови модели за создавање содржина приспособена на социјалните мрежи, зголемувајќи ги инвестициите во инфраструктура за вештачка интелигенција. Процените покажуваат дека во текот на 2024 година во развој на решенија и инфраструктура за вештачка интелигенција се вложени речиси 300 милијарди долари.
Примените на генеративната вештачка интелигенција се движат од автоматизација на пишување и креирање слики до оптимизација на фармацевтски истражувања и развој на автономни возила. На пример, фармацевтските компании како „Модерна“ (Moderna) користат вештачка интелигенција за забрзување на развојот на лекови, додека „Тесла“ (Tesla) имплементира генеративни модели за подобрување на навигацијата во своите возила.
И покрај големите можности, остануваат значајни предизвици. Трошоците за инфраструктурата потребна за работа на овие системи се исклучително високи, што им одговара на големите технолошки компании, додека истовремено го отежнува влезот на помалите играчи.
Експанзија на вселенскиот сектор
„Спејс екс“ со ракетата „старшип“ успешно ја изведе првата целосно повеќекратна мисија, што драстично ќе ги намали трошоците за лансирање и ќе овозможи поширок пристап до вселенските истражувања. Американската компанија „Интуитив машинс“ (Intuitive Machines) го лансира лунарниот модул „Одисијус“ (Odysseus) со помош на ракетата „фалкон 9“ (Falcon 9) на „Спејс екс“, кој успешно слета на Месечината. Ова беше првото американско слетување на Месечината по повеќе од половина век, значаен чекор за комерцијалните вселенски програми и истражувањето на Месечината.
Европската вселенска агенција со ракетата „Аријан 6“ (Ariane 6) ја изведе својата прва комерцијална мисија и придонесе за развојот на модулите за лунарната станица „Лунар гејтвеј“ (Lunar Gateway), во соработка со НАСА (NASA). Компании како „Блу ориџин“ (Blue Origin) и „Рокет лаб“ (Rocket Lab) го забрзаа развојот на технологии за микролансирања и комерцијални мисии на астероиди, отворајќи нови области за истражување на вселената.
Експлозија на „оземпик“ и слични лекови за слабеење
Глобално, побарувачката за лекови за слабеење, како „оземпик“ и „вегови“ (Wegovy), кои се базираат на активната состојка семаглутид, значително порасна. Овие лекови, првично развиени за лекување дијабетес тип 2, станаа популарни поради нивниот „страничен“ ефект – губење на телесната тежина. Побарувачката за нив толку порасна што фармацевтските компании како „Ново Нордиск“ (Novo Nordisk) и „Ели Лили“ (Eli Lilly) ги зголемија производствените капацитети за да ги задоволат глобалните потреби.
„Оземпик“ во САД стана еден од најчесто пропишуваните лекови, додека „вегови“ стекна исклучителна популарност во Европа и во Кина. Фармацевтските компании истовремено ги прошируваат истражувањата и развиваат нови формулации што ветуваат уште поголема ефикасност во регулирањето на телесната тежина. На пример, „Ели Лили“ го претстави лекот тирзепатид, кој во клиничките студии покажа уште подобри резултати од семаглутид.
Квантна технологија
Остварен е извонреден напредок во областа на квантното компјутерство, овозможувајќи решавање проблеми што претходно беа нерешливи за класичните компјутери. „Гугл“ го претстави својот нов квантен компјутерски чип „вилоу“ (Willow), способен да реши пресметка за помалку од пет минути, додека на најбрзите суперкомпјутери за истата задача би им биле потребни 10 квадрилиони години.
Овој успех се базира на користење 105 квантни битови (qubit), кои овозможуваат паралелна обработка на информации во повеќе состојби истовремено, експоненцијално зголемувајќи ја компјутерската моќ. Покрај тоа, „вилоу“ е дизајниран да ги намалува грешките со зголемување на бројот на квантни битови, што досега беше еден од најголемите предизвици во квантното компјутерство. Овој пробив ветува револуција во разни области, вклучувајќи криптографија, медицински истражувања и симулации на молекуларни процеси.
Термални батерии
Термалните батерии се дизајнирани за претворање на електричната енергија во топлина, нејзино складирање и подоцнежно ослободување за употреба. Процесот започнува со генерирање топлина, при што електричната енергија, често добиена од обновливи извори како соларни и ветерни електроцентрали, се користи за загревање материјали со висок топлински капацитет, како керамички тули, јаглеродни блокови или метални легури. Складираната топлина потоа се чува во изолирани системи, овозможувајќи долготрајна достапност дури и кога електричната енергија не е достапна.
Компании како „Рондо“ (Rondo Energy) развиваат системи што ја претвораат електричната енергија во топлина со помош на грејачи, слични на оние во електричните печки, но на поголема скала и при повисоки температури. Покрај „Рондо“, компании како „Антора“ (Antora Energy) и ЕТС (Electrified Thermal Solutions) работат на слични технологии што користат јаглеродни блокови или термички проводни тули за генерирање и складирање топлина.