Халкбанк АД Скопје ги зголеми пасивните каматни стапки за депозити на физички лица. Оттаму информираат дека корекција има на каматните стапки за Генералното штедење, каде за рок на штедење од 6 до 36 месеци има зголемување до 0,3 процентни поени. Односно, ако за орочување од 36 месеци досега каматната стапка изнесуваше 1,20 проценти, сега таа е 1,50 проценти.
„Следствено на ова, се зголемија и каматните стапки кај производите Отворен депозит, кој е со рок на орочување од 12 месеци и кај Детското штедење, во сите рочности. Отворениот депозит за физички лица нуди можност за повеќекратни уплати во текот на траењето на договорот за орочување и е идеален за оние кои штедат секојдневно, толку колку ќе посакаат и кога ќе посакаат. Кај овој производ новата каматна стапка за орочување на 12 месеци за штедење во денари изнесува 0,50 проценти“, соопшти банката.
Кај Детското штедење постои можност за орочување на 25, 36, 48 и 60 месеци. Новата највисока каматна стапка за овој производ сега изнесува 1,80 проценти за штедење во денари на рок од 60 месеци.