text size
„Шаоми“ (Xiaomi Corp.) претстави мобилен процесор за своите водечки уреди, зголемувајќи го притисокот врз „Квалком“ (Qualcomm Inc.) и „Медијатек“ (MediaTek Inc.), кои со години ја снабдуваа кинеската компанија со оваа клучна компонента.
Новиот мобилен чип Ексринг О3 (Xring O3) ги унапредува напорите на „Шаоми“ за сопствен развој на полупроводници, со енергетски поефикасна обработка на слики и подобри можности за вештачка интелигенција, објави компанијата на кинеската социјална мрежа Веибо (Weibo) во понеделникот.
Новиот чип на е произведен со тринанометарски производствен процес, објави основачот Леи Џун на Вичет (WeChat). Тоа е поблиску до производствениот процес што се користи за најновите чипови А19 про (A19 Pro) на „Епл“ (Apple Inc.) и е значително понапред од сопствените дизајни на најголемиот домашен ривал „Хуавеи“ (Huawei Technologies Co.). „Шаоми“ ја ангажираше ТСМЦ (Taiwan Semiconductor Manufacturing Co.) за производство на чиповите, објави „Ројтерс“.
Што вели „Блумберг интелиџенс“
Најновиот мобилен процесор Ексринг О3 на „Шаоми“ останува на три нанометри иако водечките конкуренти преминуваат на два нанометри, што укажува дека компанијата става поголем акцент на архитектурата и подобрувањето на функциите за да постигне напредок. Редизајнираните пресметувачки капацитети, побрзата меморија и помоќната ВИ директно на уредот би требало да помогнат водечките телефони на „Шаоми“ повеќе да се издвојат од конкуренцијата, а употребата на овие чипови во повеќе уреди ќе помогне да се зголеми ефикасноста на истражувањето и развојот. Сепак, ограничениот обем на производство на чиповите укажува дека „Шаоми“ и натаму во голема мера ќе зависи од „Квалком“ и „Медијатек“.
- Стивен Ценг и Ребека Ванг, аналитичари
„Квалком“, со седиште во Сан Диего, Калифорнија, и тајвански „Медијатек“ (MediaTek) долго време го снабдуваат „Шаоми“ со клучните процесори. Кинеската компанија, која исто така дизајнира и произведува електрични возила, ги надградува долгогодишните сопствени истражувања во областа на полупроводниците за да ја намали зависноста од странски чипови. Сопствен чип за водечките производи би ја зајакнал преговарачката позиција на „Шаоми“ со доставувачите и би ја зголемил привлечноста на компанијата кај потрошувачите на исклучително конкурентниот пазар.
Конкурентот „Хуавеи“ (Huawei) користи сопствено развиени процесори Кирин (Kirin) во своите премиум телефони, откако серија американски ограничувања го отсекоа од клучните глобални доставувачи, меѓу кои и „Квалком“. За разлика од него, „Шаоми“ не е под санкции што би го спречиле да склучува договори со меѓународни доставувачи.
„Шаоми“, некогаш најголемиот производител на паметни телефони во Кина, се соочува со слаба побарувачка и во бизнисот со паметни телефони и во бизнисот со електрични возила, во услови кога потрошувачката во земјата стагнира.
Кај паметните телефони, компанијата забележа најголем пад на испораките меѓу големите производители на уреди во кварталот заклучно со јуни, покажуваат податоците на „Каунтерпоинт рисрч“ (Counterpoint Research). Инвеститорите се загрижени и дека агресивните цени на најновите спортско корисни возила на компанијата би можеле дополнително да ги намалат профитните маржи.
-Со помош на Жепинг Хуанг, Оливија Там и Влад Савов