Кралската пошта соопшти дека ќе укине 10.000 работни места затоа што е се поизвесно дека годината ќе ја заврши со загуба. Загубата делумно е последица на серијата штрајкови.
Британската пошта, чија матична компанија е преименувана во International Distributions Services Plc, во петокот соопшти дека очекува оперативни загуби од околу 350 милиони фунти (395 милиони долари) до крајот на годината, по дефицитот од 219 милиони фунти заклучно со септември.
Компанијата бележи пад од 17 отсто, најмногу во последните две и пол години откако најави процес на консултации за кратења на работните места „како одговор на влијанието на штрајковите, доцнењето на планираните подобрувања на продуктивноста и помалиот обем на пакети“.
Кралската пошта има намера да го трансформира бизнисот во обид да зграби поголем дел од пазарот со пакети во иднина, откако пандемијата со коронавирус го забрза онлајн купувањето. Компанијата најави реструктуирање на испораките и работна сила за да се справи со промените во побарувачката.
Трошоци заради штрајковите
Предложените кратења на работните места претставуваат околу девет отсто од 115.000 работници ангажирани на сортирање и испорака, кои организираа серија штрајкови поради барањата за подобри плати по зголемената инфлација.
Трите дена штрајк, според компанијата, имаа „директно негативно влијание“ од 70 милиони фунти.
Околу половина од отпуштањата се очекува да се случат до март, а остатокот до август, се вели во соопштението. Ако се земат предвид очекуваните заминувања од компанијата, реалниот број на отпуштања се очекува да биде помеѓу 5.000 и 6.000. Главниот извршен директор, Сајмон Томпсон, вели дека овие кратења се од витално значење и дека ќе продолжат без оглед на договорот со синдикатот.
Синдикатот на работниците од секторот комуникации во денешната изјава наведе дека Кралската пошта „ги држи поштенските работници како заложници“ за да не преземаат синдикални активности.
Генералниот секретар, Дејв Вард, го обвини менаџментот дека бара реформа на договорите, платите и условите што ќе ја претворат компанијата стара 500 години во „економичен курир на пакети“. Тој повика на состанок со одборот на Кралската пошта за да разговараат за алтернативен бизнис план.
Натамошни загуби
Вард за Блумберг изјави дека пазарот со испораки може да биде подобар без отпуштања и повика за запирање на планираната трансформација.
Управниот одбор на Кралската пошта побара преговори со синдикатот преку Службата за медијација, но велат дека за кратењето на работните места и трансформацијата на поштата не може да се преговара. Натамошно намалување на бројот на работници е можно ако штрајковите продолжат, велат од УО.