Успешниот лек за слабеење на „Ново Нордиск“ (Novo Nordisk A/S), „вегови“ (Wegovy), го намалува ризикот од срцев и мозочен удар покажува долгоочекуваната студија, подигнувајќи ги акциите на данскиот производител на лекови и на американскиот производител на сличен лек „Ели Лили“ (Eli Lilly & Co).
Луѓето што биле дебели или со прекумерна тежина и со историја на проблеми со срцето што го земале лекот на „Нордиск“ имале 20 отсто помали шанси да страдаат од кардиоваскуларни болести за разлика од оние што земале плацебо, објави во вторникот данскиот производител на лекови.
Акциите на компанијата скокнаа за цели 16,7 отсто, што е најголем раст во текот на денот во повеќе од две децении. Тоа ја зголеми нејзината пазарна вредност на 413 милијарди долари и сега е втора по големина во Европа, по луксузната групација ЛВМХ (LVMH).
Акциите на „Лили“ скокнаа дури за 10 отсто во почетокот на тргувањето, откако компанијата ја зголеми својата перспектива благодарение на посилната од очекуваната продажба на „мунџаро“ (Mounjaro), лек за дијабетес што се очекува наскоро да биде одобрен и за слабеење. Продажбата на лекот достигна речиси една милијарда долари во последниот квартал.
Резултатите од испитувањето на „вегови“ би можеле да ја зголемат и онака огромната побарувачка за такви лекови и да го прошират пристапот до повеќе пациенти. Иако дебелината долго време е поврзана со кардиоваскуларни проблеми, студијата беше дизајнирана со сигурност да покаже дали губењето килограми на овој начин исто така може да има значително влијание врз срцевите заболувања, што е водечката причина за смрт во САД.
„Резултатите го прават ’вегови’ првиот лек што комбинира ефективно слабеење со намален ризик од срцеви заболувања“, рече Мартин Холст Ланге, извршен потпретседател за развој на „Нордиск“.
Студијата би можела да ѝ помогне на компанијата во преговорите со осигурителните компании, кои инаку би можеле да ја отфрлат цената на „вегови“. Во моментов лекот е премногу скап за многу пациенти, чини повеќе од 10.000 долари годишно во САД.
Започнато во 2018 година, истражувањето следеше повеќе од 17.000 пациенти во 41 земја, фокусирајќи се на луѓе на возраст од 45 години и постари со историја на кардиоваскуларни болести. Безбедноста во студијата беше конзистентна со претходните испитувања, објави „Нордиск“, што е уште еден клучен наод при тестирањето на толку многу луѓе во толку долг временски период.
Придобивките за срцето се најдоброто сценарио во случајов, при што повеќето инвеститори очекуваат дека подобрувањето би било околу 15 отсто, напишаа аналитичарите на „Џефрис“. „Продажбата на лекот може да достигне 14 милијарди долари“, велат тие.
Истата компанија беше во центарот на вниманието откако познати личности и клучни бизнисмени изјавија дека го користат лекот за дијабетес „оземпик“ (Ozempic) за да ослабат. И тој и „вегови“ се инјектираат и ја делат истата активна состојка, семаглутид. Тие дејствуваат така што го потиснуваат апетитот и го забавуваат движењето на храната низ дигестивниот тракт.
Вообичаените несакани ефекти вклучуваат гадење, повраќање и неконтролирана дијареја, а европските власти ги истражуваат извештаите за самоубиствени мисли поврзани со поширока класа на лекови, која го вклучува и „вегови“.
И покрај несаканите ефекти, побарувачката е толку голема што компанијата се бореше да држи чекор со производството, принудувајќи ја привремено да ја намали понудата на некои дози во САД. Данска исто така пријави недостиг од „оземпик“ оваа недела.
Аналитичарите процениле дека лековите за слабеење би можеле да станат едни од најголемите фармацевтски хитови на сите времиња, а предводник е „Нова Нордиск“.
Се очекува лекот „мунџаро“ на „Лили“ да добие одобрение за лекување на дебелината оваа година.