Словенечката извозна и развојна „СИД банка“, која од април 2023 година ја води искусниот Борут Јамник, своите сопственички акции ќе ги пренесе на нова холдинг-компанија, која ќе биде основана пред крајот на годината. Управувањето со тие средства ќе го преземе новото друштво за управување со средства (ДЗУ), кое, според планот, исто така ќе биде во апсолутна сопственост на холдингот.
Во првата фаза „СИД банка“ постојните сопственички акции ќе ги пренесе на холдинг-компанијата и ќе ѝ обезбеди дополнителен капитал за нови инвестиции. Инвестициите во акционерски капитал на „СИД банка“ вклучуваат акции во алтернативни фондови како што се приватните капитални фондови АЛФИ ПЕ (ALFI PE) и „АЛФИ гроут“ (ALFI Growth), фондот за ризичен капитал „Весна дип теч“ (Vesna Deep Tech Fund), како и планирани инвестиции во приватни инвестициски фондови што ќе се занимаваат со предизвиците на сопственичкото наследство на малите и средните претпријатија и други слични проекти.
Од „СИД банка“ истакнуваат дека словенечкиот пазар на капитал е неразвиен во однос на другите земји членки на ЕУ. Затоа, во соработка со домашни и странски партнери, тие ќе се посветат на забрзување на развојот на пазарот на капитал, особено во сегментот на алтернативните класи на инвестиции.