„Макстил“ е дел од групацијата „Дуферко“ (DITH) и е регионален лидер во производството на топловалани дебели лимови.
Компанијата има долга традиција како македонски производител на челик. Основана е во 1997 година, а произлезе од некогашниот гигант Рудници и железарница „Скопје“. Како дел од групацијата, компанијата е присутна на пазарите во повеќе од 40 држави и вработува над 900 луѓе.
Од своето основање, „Макстил“ во модернизација на погоните има вложено повеќе од 100 милиони евра. Во фокусот на компанијата е заштитата на животната средина и е прва компанија од производствениот сектор во земјава што ги имплементира ЕСГ-стандардите.
Компанијата во изминатиот период го трасираше патот кон циркуларната економија за нула отпад. Во тој контекст, „Макстил“ се ориентира кон производство на зелен челик преку трансформација на отпадниот метал. Компанијата ја следи и новата регулатива за воспоставување на Механизмот за регулирање на прекуграничните емисии на јаглерод (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM), чија основна цел е спречување на протекувањето на јаглеродните емисии.
Заклучно со септември годинава, „Макстил“ оствари добивка од 3,4 милиони евра, што е раст од 25 отсто во однос на истиот период лани.