И од отпадот може да се заработи ако имаш добра идеја. Меѓу малкутемина што ја претвориле таа идеја во реалност во Македонија е Ирена Јакимовска, сопственичка на текстилната компанија „Комфи енџел“ (Comfy Angel) од Прилеп.
„Комфи енџел“ и „Албатрос“ од Штип основаа заеднички проект „тексомат“ (Texomat), чија цел е Македонија да стане земја без текстилен отпад. Собирањето на текстилниот отпад почна годинава.
„Отпадот го собираме и обработуваме. Потоа, текстилниот отпад се претвора во материјал што главно се користи како изолација во градежната индустрија. Повторната употреба на текстилниот отпад постои веќе некое време, на пример за изработка на перници, јоргани, полнети играчки за деца и кукли. Тоа се целосно чисти производи благодарение на современиот начин на обработка на отпадот“, изјави Јакимовска за „Блумберг Адрија“ (Bloomberg Adria) пред почетокот на реализацијата на таа идеја.
Производите за спални соби се дел од асортиманот на „Комфи енџел“, компанија основана во 2004 година, која моментално вработува 820 луѓе. Дури 95 проценти од производството се пласира на странски пазари, главно во земјите на ЕУ. Во текот на 2023 година компанијата извезла производи во вредност од 43,2 милиони евра и остварила нето-добивка од речиси 2,3 милиони евра.