text size
Речиси две децении тој успешно води компанија што стана еден од најголемите работодавци во земјата и е рангирана меѓу најголемите македонски извозници. Во текот на 2024 година „Алкалоид“ ја заврши реализацијата на најголемиот инвестициски зафат во последните 20 години - нов погон за производство на цврсти фармацевтски форми, во кој беа инвестирани речиси 20 милиони евра. „Алкалоид“ регистрира нова компанија во Хрватска, нејзино осмо правно лице во земјите членки на ЕУ, потоа ново акционерско друштво во Казахстан, кое е прва подружница на компанијата во Азија. Имајќи предвид дека една од стратегиските цели на компанијата е да влезе на пазарот на биослични лекови, „Алкалоид“ инвестираше еден милион евра во јужнокорејската компанија за истражување и развој „Рофибио“ преку купување малцински удел, со што се стекна со право на приоритет при лиценцирање производи за регионите во кои работи. За првпат во историјата компанијата разви течна форма на лекот „омепразол“ и го доби првиот меѓународен патент за лек со додадена вредност.