„Сараевскиот филмски фестивал“ (СФФ) веќе три децении ги поместува границите и денес претставува еден од најважните филмски настани во Југоисточна Европа, собирајќи филмски творци и љубители на филмот од целиот свет. Основан во 1995 година, СФФ настана како симбол на културен отпор и израз на надеж за иднината. Денес овој фестивал не е само филмска смотра туку и клучен генератор на економска активност во Сараево, кој придонесува за локалната економија преку туризмот, угостителството и инфраструктурните инвестиции. Секоја година во август СФФ трае девет дена и нуди богата програма, која вклучува играни филмови, документарци, кратки филмови и специјални програми.
Натпреварувачката програма и програмата во која се доделуваат престижните награди „Срце на Сараево“ се централниот дел на фестивалот и собираат некои од најталентираните филмски творци од регионот и светот. Фестивалот од година на година привлекува истакнати ѕвезди од филмската индустрија, вклучувајќи режисери, продуценти и сценаристи, кои ги претставуваат своите филмови, но и учествуваат на мастер-работилници и панели. „Сараевскиот филмски фестивал“ одамна ги надмина границите на Босна и Херцеговина и стана еден од нејзините заштитни знаци во светот. Бренд за себе, идеја што ги поврзува и спојува сите. Освен што е важен за БиХ, неговите корени се протегаат и до земјите од регионот, од каде што ја црпи сета потребна инспирација и поради тоа добива уште поголемо значење, зацврстувајќи го регионот во заедничката љубов – филмот.