Словенечкиот пронаоѓач и мултимилионер Иво Боскарол гради станбено-деловен комплекс во Љубљана со цени на станови значително пониски од пазарните. Барем така најавуваат од „Боскарол“, иако изградбата на проектот ќе трае најмалку пет години.
Иво Боскарол постигна деловен успех со производство на иновативни ултралесни авиони од марката „пипистрел“ (Pipistrel). По повеќе од 30 години работа, тој ѝ ја продаде компанијата на американската компанија „Текстрон“ (Textron), производител на авионите „цесна“ (Cessna), „бичкрафт“ (Beechcraft) и „бел“ (Bell), за околу 218 милиони евра. Тие пари сега ги инвестира во млади компании и проекти за недвижности. Меѓу нив е и населбата Галаксија во Љубљана, со илјада нови стана. Боскарол ги изненади познавачите на пазарот на недвижности објавувајќи дека цената на квадратен метар на новите станови ќе изнесува 3.000 евра, што е значително помалку од сегашните цени на пазарот.
„Моите предности се евтината земја, моите сопствени средства и факторот на градба“, изјави Иво Боскарол за „Блумберг Адрија“. Тој најавува дека, и покрај релативно ниската цена, добро ќе заработи за изградба на станови и деловни простории. Во исто време тој планира да го олади прегреаниот пазар на недвижности во главниот град.