Eден од водечките светски истражувачи во областа на физиката на цврста состојба - д-р Емил Божин - се врати од САД во Србија на Институтот за физика. Неговото враќање беше овозможено благодарение на освојувањето на проектот на Европската комисија од престижната програма „ЕРА чер“ (ERA Chair), кој ќе ја постави Србија на мапата на водечките истражувања во областа на квантните материјали.
Резултатите од проектот нема да се ограничат само на научни сознанија. Тој ќе ги поттикне трансферот на знаење, мобилноста на истражувачите, обуката на младите таленти, но и воспоставувањето соработка со партнери од индустријата. Многу е значајно што преку овој проект ќе се обезбеди обука на истражувачи од Србија, регионот на Западен Балкан и Југоисточна Европа, што дополнително ќе ја зацврсти позицијата на Институтот за физика како центар на извонредност во европскиот истражувачки простор.
Повеќекратно наградуван и цитиран, д-р Божин го завршил Факултетот за физика на Универзитетот во Белград, докторирал на Универзитетот во Мичиген, потоа бил истражувач на универзитетот „Колумбија“, а од 2010 година работи во престижната американска национална лабораторија „Брукхејвен“ (Brookhaven). За време на исклучително забележителната кариера во Америка развил нови напредни методи за карактеризација на материјали, што ќе продолжи да го прави и во Институтот за физика, пренесувајќи ги искуствата на новите генерации физичари во Србија.