text size
Јутјуб (YouTube) веќе две децении се обидува да ги убеди огласувачите дека кај него е иднината на забавата.
Неговата порака отсекогаш била едноставна: Младите не гледаат кабелска телевизија, тие гледаат Јутјуб. И за тоа не ви е потребна пауерпоинт-презентација.
Меѓутоа, Јутјуб не можеше да го оправда тоа баш толку лесно. Прво, огромното мнозинство видеосодржини на платформата тешко дека имаат квалитет на холивудска режија. „Најголемата забелешка во врска со содржините од индивидуалните креатори е токму тоа, дека се со лош квалитет, глупости, ѓубре“, напиша во декември Даг Шапиро, поранешен извршен директор на „Тајм Варнер“ (Time Warner). Тоа е донекаде ирелевантно бидејќи многу од луѓето не гледаат какво било ѓубре на Јутјуб, туку само најпопуларното, рече тој. Тоа води до друг проблем на Јутјуб: најгледаните канали не секогаш им користат на огласувачите.
Прочитај повеќе
Поткастери наспроти инфлуенсери: Која е разликата и како заработуваат?
Во денешниот дигитален пејзаж, и поткастерите и инфлуенсерите ги привлекоа вниманието и интересот на публиката низ светот. Но по што се разликуваат и како заработуваат?
25.04.2025
Можностите и моќта на поткастот: Како да заработите или да победите на избори?
Колку е моќен поткастот докажуваат и последните претседателски избори во САД. Голем број експерти сметаат дека токму отвореноста кон тој медиум му ја донесе победата на Доналд Трамп.
25.04.2025
Реклама на стриминг-платформи: Каде се македонските компании?
Стриминг-платформите веќе не се натпреваруваат само за претплатници туку и за да придобијат што е можно поголем број компании што ќе се рекламираат кај нив.
17.01.2025
Да наброиме неколку од најпознатите примери: Феликс Кјелберг, познат како Пјудипај (PewDiePie), шведски јутјубер за игри, правел антисемитски шеги во видеа објавени во 2016 и 2017 година. Подоцна бил обвинет за поттикнување националисти да извршат насилни инциденти со оружје. Логан Пол објавувал видеа за игри и правел шеги пред да стане инфлуенсер за борење. Во 2017 година тој објавил видео од мртво тело во јапонска шума, каде што самоубиствата се честа појава. Канадскиот јутјубер Џејсон Етиер, познат како Џејстејшн (JayStation), кој е популарен по видеосодржини како „Бегање од полицајците“ (Running From the Cops) и „24-часовен предизвик во затвор“ (24 Hour Overnight Challenge in Jail), се обидел да привлече следбеници измислувајќи приказни за својата девојка, колешката јутјуберка Алексија Марано, велејќи дека таа наводно била усмртена од пијан возач. Огласувачите не мора да се грижат за такви работи на „Ен-би-си“ (NBC), на пример. (Сите тројца креатори на содржини се извинија, а Јутјуб на крајот го прекина каналот на Џејстејшн поради прекршување на условите за користење на платформата. Марано во видеото рече дека никогаш не се согласила со измамата и дека ѝ е прекуглава од тоа.)
За да ги привлече огласувачите и нивните пари, Јутјуб се обиде да го подобри квалитетот на видеата што ги објавува. Во 2011 година платформата објави дека ќе инвестира 100 милиони долари во сопствена продукција. Парите отидоа кај десетици популарни креатори, како што се Филип Дефранко, коментатор за поп-култура, кој моментално има 6,6 милиони претплатници, и Фелиша Деј, актерка позната по онлајн серијата „Гилд“ (The Guild), која се базира на нејзиниот живот како гејмерка. Четири години подоцна Јутјуб поддржа помал број престижни содржини за да привлече публика кон својата претплатничка услуга Јутјуб ред (YouTube Red), нејзиниот неуспешен обид да се натпреварува со Нетфликс (Netflix Inc). Јутјуб ја ангажираше Сузан Даниелс, долгогодишна холивудска извршна директорка, која е заслужна за создавањето на сериите „Досонс Крик“ (Dawson’s Creek) и „Бафи – убивачката на вампири“ (Buffy the Vampire Slayer). Таа беше задолжена за развој на програми, вклучувајќи ја и „Кобра каи“ (Cobra Kai), која се однесува на претходното дејство од филмот „Карате кид“ (The Karate Kid), а чие дејство се одвива 30 години пред првиот филм.
На почетокот на 2017 година Јутјуб почна да финансира десетици оригинални серии што ги нудеше бесплатно со приходи од реклами, како што е „КевинХарт“ (Kevin Hart: What the Fit), во која комичарот и актер тренира со познати личности, како водителот и комичар Конан О’Брајан, раперот и музички продуцент диџеј Калед и актерката Ребел Вилсон.
Ништо од тоа не го привлече вниманието на јавноста. Најголемото откритие на Даниелс беше младата сценаристка Квинта Брансон, која ја создаде „Броук“ (Broke), комедија за тројца пријатели што се преселуваат од Филаделфија во Лос Анџелес. Серијата траеше само една сезона, а Брансон продолжи да ја создава хит-серијата „Основно училиште Абот“ (Abbott Elementary) за „Еј-би-си“ (ABC). Јутјуб постепено се оддалечува од сопствените продукции, дозволувајќи му на „Сони“ (Sony Group Corp.), кој ги продуцираше и ги поседуваше правата за „Кобра каи“, да ги откупи правата за идните сезони. Серијата стана хит на „Нетфликс“. Даниелс си замина во 2022 година.
Јутјуб имаше поголем успех во чистењето на својата видеотека и промовирањето ѕвезди за кои се надеваше дека нема да направат ништо глупаво. Платформата разви алатки за следење на страницата, со цел да открива несоодветна содржина, како што се видеа за јапонските шуми познати по случаи на самоубиства. Платформата започна маркетиншки кампањи за промоција на индивидуални креатори, надевајќи се дека билбордите со Лиза Коши, актерка од Хјустон, или „Смош“, група автори на кратки скечеви и импровизатори, ќе ги убедат огласувачите дека се како филмски ѕвезди. Новите програми им овозможија на огласувачите да поставуваат реклами на еден отсто од најпопуларните видеа во согласност со нивната целна публика. Јутјуб-каналите како „Мистер Бист“ (MrBeast), „Гуд митикал морнинг“ (Good Mythical Morning) и „Фрст ви фист“ (First We Feast), кои ја емитуваат емисијата „Хот уанс“ (Hot Ones) - разговори со гости додека јадат лути крилца - станаа толку популарни што на гледачите не им беше грижа што огласувачите не ја препознаваат како врвна содржина. Веб-страницата е толку доминантна што огласувачите се принудени да ја вклучат во своите медиумски планови и стратегии за видеосодржини, вели Дејвид Кампанели, потпретседател за глобални инвестиции во компанијата „Хоризон медија“ (Horizon Media Inc.), која купува голем рекламен простор на Јутјуб.
Иако огласувачите трошат повеќе пари на Јутјуб, извршните раководители во матичната компанија „Гугл“ (Google) почувствуваа потреба да обезбедат повеќе рекламирање за големите брендови што инвестираат многу во телевизиски реклами. Јутјуб сè уште заработува поголем дел од нискобуџетни реклами насочени кон одредена публика. Многу огласувачи сметаат дека нивните реклами нема да го имаат посакуваниот ефект ако се појават заедно со поевтините пократки видеа на Јутјуб што луѓето најчесто ги гледаат на своите телефони и лаптопи.
Јутјуб ги помина изминатите неколку години обидувајќи се да го заземе централното место во дневната соба. Компанијата ги здружи силите со производителите на телевизори за да го направи Јутјуб лесен за гледање на тие уреди како што е на телефон или лаптоп. Луѓето исто така можат да оставаат коментари и да се претплатуваат на јутјуб-каналите преку своите телевизори, а креаторите можат да закажуваат видеа како епизоди во серија. Јутјуб ги потсетува гледачите каде застанале и им ја нуди следната епизода наместо да користи алгоритам за да предложи слично видео, обично од различен креатор. Јутјуб исто така го адаптираше своето рекламирање за телевизиско емитување, продолжувајќи ги паузите помеѓу рекламите. Компанијата воведе можност за прикажување реклами додека програмите се на пауза. Лансира и услуга за пренос во живо, Јутјуб ТВ (YouTube TV), која нуди ТВ-канали што се достапни во стандардни кабелски пакети, вклучувајќи пред сè канали што емитуваат натпревари од НФЛ. Тука се и платформите што нудат платени услуги за стриминг, како што се Макс (Max) и Парамаунт (Paramount+).