Стаклениот амбалажен отпад може oдново да се употребува и сите да придонесеме кон поздрава и еколошка животна средина, велат од компанијата „Пакомак“, која веќе неколку години го реализира проектот Are You Recycling, преку кој се собира селектираното стакло и тоа се рециклира.
Во овој проект, како што посочуваат од компанијата, се вклучени над 600 угостителски објекти од Скопје и уште над 900 од останатите градови.
„Оваа година по својот придонес би ги истакнале скопските ресторани 'Дукат' 'Скопски мерак', 'Мош', 'Еквилибриум', 'Рагуза', битолскиот ресторан 'Ловец', штипскиот 'Мал одмор' и многу други благодарение на чија вклученост во проектот месечно се собираат над 220 тони стаклен амбалажен отпад кој потоа се пренесува во фабриките за рециклирање на стакло. Тоа се количини на стаклен отпад кои предходно завршуваа во депониите што имаат ограничен капацитет“, посочуваат од компанијата.
Со ова се овозможува повторно создавање на над 600.000 шишиња месечно, со минимална можна потрошувачка на енергија и загадување на околината, вели Филип Ивановски, извршен директор на „Пакомак“, кој ги повикува сите угостителски објекти да се приклучат, истакнувајќи дека иднината на успешните угостители не е само во квалитетот на услугата што ја нудат, туку и во нивната одговорност кон зачувување на средината во која работат.
Проектот има за цел да ги вклучи сите угостителски објекти од целата држава во континуирана еколошка акција за селектирање на стаклениот отпад. Станува збор за собирање на неповратна стаклена амбалажа од хотели, ресторани и кафулиња каде завршува над 50 отсто од стаклото.