Групацијата „Рио Тинто“ загубила „високорадиоактивна“ капсула некаде по автопат долг 1.400 километри низ пустината во Западна Австралија.
„Го сфаќаме овој инцидент многу сериозно“, изјави во неделата шефот на железна руда на „Рио Тинто“, Сајмон Трот. „Ова очигледно е многу загрижувачки проблем и се извинуваме за тревогата што настана меѓу заедницата во Западна Австралија“.
Рударскиот гигант и владата на Западна Австралија се обидуваат да ја пронајдат капсулата, долга осум милиметри (0,3 инчи), која содржи мало количество од радиоактивниот изотоп цезиум-137. Иако ризикот за заедницата е низок, изложеноста на супстанцијата може да предизвика изгореници од зрачење или радијациска болест, објави Службата за брза помош од Западна Австралија на својата веб-страница.
Капсулата била компонента во мерач што се користи за мерење на густината на железната руда. „Рио“ соопшти дека радиоактивната капсула била подигната од рудник на 12 јануари од страна на компанијата за транспорт и требало да пристигне во складиштето за радиоактивни материјали во Перт на 16 јануари. Било откриено дека е исчезната дури кога контејнерот во кој се наоѓала бил отворен за проверка на 25 јануари.
Владата на Западна Австралија соопшти дека при испитувањето на пакетот со уредот било откриено дека е „пробиен и недостига една од четирите завртки за прицврстување, недостига самиот извор и сите шрафови на мерачот“.
Инцидентот се случува додека „Рио Тинто“, која е листирана во Сиднеј и Лондон, се обидува да ја обнови својата репутација откако во 2020 година уништи свето место за домородните луѓе во Австралија, како дел од експанзијата на рудникот за железо.