Четири години по легализирањето на марихуаната за рекреативна употреба, Канада повторно ќе ја покаже својата прогресивна политика за дроги на 31 јануари, кога треба да стапи во сила законот за декриминализирање на личното поседување тешки дроги во Британска Колумбија.
Покраината повеќе нема да ги гони кривично лицата на возраст од 18 и повеќе години што се фатени со помалку од 2,5 грама тешки дроги, вклучувајќи хероин, морфин, фентанил, кокаин, метамфетамин и МДМА (познато како екстази). Наместо тоа, ќе им бидат понудени информации за социјални програми и третман, доколку го побараат тоа. Трговијата со дрога ќе остане нелегална, без оглед на количеството што се поседува. Експериментот ќе трае три години.
„Со оглед на нашето разбирање дека употребата на супстанции е здравствен проблем, а не криминално прашање“, рече Џенифер Вајтсајд, министерка за ментално здравје и зависности на Британска Колумбија, „треба да го преземеме овој чекор за да се справиме со срамот и стигмата“. Вајтсајд, во телефонско интервју, посочи дека новиот закон ќе ја направи за луѓето поотворена опцијата да побараат поддршка.
Експертите за јавно здравје велат дека изгледите за експериментот не се премногу блескави. Најзападната провинција во Канада е почетна точка за испитувања на политиките за дрога од 1959 година, кога ја отвори првата клиника за метадон во светот. Оттогаш се обиде со неколку други таканаречени програми за намалување на штетите, кои се залагаат за отстранување на криминалната стигма од употребата на дрога, со цел фокусот да се стави на основните социјални, економски, ментални и здравствени проблеми на корисниците.
И покрај тоа, Британска Колумбија и понатаму е погодена од зголемени нивоа на смртни случаи и злосторства поврзани со дрога. Смртните случаи од предозирање минатата година биле 41,7 на 100.000 луѓе, или над пет пати повеќе од стапката во 1996 година, според службите во покраината. За споредба, смртните случаи од предозирање во САД биле 28,3 на 100.000 жители во 2020 година.
Предозирање со дрога
Смртните случаи од опиоиди, хероин, мет, кокаин и други улични дроги во Британска Колумбија растат речиси цела деценија.
Потегот на Британска Колумбија следува по сличните акции на Португалија, првата земја што ги декриминализира тешките дроги во 2001 година, и американската сојузна држава Орегон, која го стори тоа во 2020 година. Промената ќе биде највидлива во најголемиот град во регионот, Ванкувер, познат по своите скијачки патеки од светска класа, планинарењето и рестораните. Сепак, туристите често се шокирани кога ќе наидат на улички во близината на некои од главните трговски области што се преполни со зависници од хероин.
Промената на легислативата доаѓа во тешко време, како за покраината, така и за политиката за дроги. На глобално ниво, социјалниот товар од употребата на дрога расте и владите бараат решенија. Според светскиот извештај за дрога на Обединетите нации за 2022 година, 284 милиони луѓе на возраст меѓу 15 и 64 години користеле нелегални супстанции во 2020 година, што претставува зголемување од 26 отсто во однос на претходната деценија.
Во извештајот на ОН се вели дека трговците транзитираат кон нови територии и дека поголем процент млади консумираат дрога – и тоа во поголеми количества. Едни од ефектите на пандемијата, во меѓувреме, се алармантно зголемување на употребата на дрога и проблеми со менталното здравје. Подемот на фентанил како самостоен лек и смртоносен загадувач ги зголеми влоговите.
Слабеењето на економските услови и порастот на проблемите со менталното здравје на глобално ниво ги натераа академиците да се сомневаат дали канадскиот експеримент ќе успее. Исто така, постојат многу непознати кога станува збор за ефективноста на политиката за дроги. Истражувачите велат дека не е јасно што функционира најдобро за намалување на предозирањето со дрога, криминалот и социјалните проблеми што ја придружуваат употребата на дрога.
„Дури и децении подоцна, невозможно е да се каже дали статистичките победи на Португалија, како што се падот на смртните случаи од предозирање и случаите на ХИВ поврзани со валкани игли, беа резултат на други економски и социјални трендови“, вели Џејсон Хокенбери, претседател на одделот на Факултетот за јавно здравје на универзитетот „Јејл“. „Понекогаш срамот и стигмата може да мотивираат промена на однесувањето“, нагласува тој. „Додека светот се движи кон отстранување на казните за употреба на дрога, сè уште постои дебата за тоа дали намалувањето на последиците од преземањето ризик поттикнува поризично однесување“, додава Хокенбери.