„Рио Тинто“ (Rio Tinto Plc.) загуби мала радиоактивна капсула во Западна Австралија на автопат подолг од должината на Италија. Еве што знаеме досега:
Каде исчезнала
Камионот пристигнал во еден од огромните рудници за железна руда на „Рио Тинто“ во австралискиот регион Пилбара на 12 јануари, откако минал 1.400 километри (870 милји) од складиштето за испорака во Перт. Тој бил таму за да собере неисправна техничка опрема што се користи за мерење на густината на железната руда и да ја врати назад во Перт на поправка. Уредот, приближно со големина на шише за млеко, содржел мал радиоактивен сребрен елемент, цилиндричен и долг помалку од еден сантиметар.
Товарот со капсулата се вратил во Перт на 16 јануари, каде што бил сместен во објект отпорен на радијација. Меѓутоа, кога пакетот бил отворен на 25 јануари, уредот бил расклопен, а од капсулата немало ни трага.
Прочитајте повеќе: Од „Рио Тинто“ при транспорт загубиле високорадиоактивна капсула
Како исчезнала
Сè уште е мистерија. Полицијата од Западна Австралија соопшти дека нема докази за криминални активности (тие истакнаа дека капсулата не може да се користи како оружје). Сите завртки на уредот во кој се наоѓала капсулата недостигале при отворањето на пакувањето во Перт, па се претпоставува дека капсулата испаднала при транзит. За среќа, патот не е фреквентен, па тешко дека некој случајно ќе ја земе. Од друга страна, наоѓањето капсула од шест милиметри на толку долго патување го прави лесно и барањето игла во стог сено.
Како се пребарува
Одделот за противпожарна и вонредна служба на Западна Австралија испрати група за пребарување за да ја пребара целата должина на автопатот користејќи детектори за радијација на покривите на возилата. Тие возат со брзина од околу 50 километри на час, а целата потрага треба да трае околу пет дена. Засега нема податоци како се одвива потрагата. Портпаролот на одделот рече дека федералната влада обезбедила и опрема за пронаоѓање на исчезнатата капсула. „Не е дека само одиме наоколу и бараме“, изјави началникот Дерил Реј за медиумите во текот на викендот.
Колку е опасна
Доволно опасна. Одделот за здравство на Западна Австралија соопшти дека може да предизвика изгореници од радијација или сериозни болести и ги предупреди луѓето да не го допираат или подигаат предметот. Експертите велат дека ризикот од далечинска контаминација е релативно мал, но директна контаминација би била посериозна.
„Може да дојде до првично црвенило на кожата или ткивото, а во тешки случаи до улцерации и потенцијална смрт на ткивото“, вели Дејл Бејли, професор по медицински науки на Универзитетот во Сиднеј. „Ако се проголта, потенцијално би предизвикала цревно крвавење и улцерација, што може да доведе до значителни компликации“.
Што велат од „Рио Тинто“
„Рио Тинто“ и натаму е во офанзива откако неговата репутација беше нарушена кога разнесе антички домородни карпести засолништа во Западна Австралија во 2020 година. Тие брзо се извинија оваа недела. „Ние го сфаќаме овој инцидент многу сериозно“, рече главниот извршен директор Сајмон Трот во изјава во текот на викендот. „Сметаме дека ова е загрижувачки проблем и се извинуваме за паниката што ја предизвика во заедницата на Западна Австралија“.
Што вели компанијата што го спакувала товарот?
СГС (SGS SA), швајцарската компанија што откри дека капсулата е загубена, соопшти дека била ангажирана од „Рио Тинто“ да го спакува уредот во рудникот и потоа да го прими во Перт, но не и да го транспортира. Тоа го направил неименуван „специјалист транспортер“, се вели во соопштението на компанијата во вторникот. Тие им помагаат на властите во потрагата.