Следната недела носиме уште многу нови теми. Ќе следуваат ли откази во македонските ИТ-компании? Тој процес веќе почна. Друга тема е дали транспортот ќе поевтинува и што значи тоа за македонската економија, а следната е за тоа колку ЕСГ е присутно во Македонија. Прашуваме зошто во Македонија нема многу компании кои произведуваат козметика и препознатливи брендови од оваа област.
Во очекување на најновите податоци за инфлацијата во Македонија, ќе анализираме дали има позначително намалување на цените, пред сè кај храната, односно дали имаа ефект владините мерки за субвенционирање на струјата за компаниите што се занимаваат со производство на основните прехранбени производи или постојат злоупотреби што паѓаат на товар на населението.
Во контекст на инфлацијата, аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ подготви анализа за трендовите во малопродажбата, која треба да покаже дали растот на цените сè уште го зголемува профитот на компаниите од оваа дејност и дали граѓаните штедат при купување на основните производи.
Со оглед на тоа што Владата воведе таканаречен солидарен данок за компаниите што оствариле екстра-профит во 2022 година, ќе ги отвориме финансиските извештаи на компаниите и ќе се консултираме со стручни лица околу прашањето дали постои можност за манипулирање со остварените резултати за да се избегнат новите даночни оптоварувања.
Ќе анализираме колку се реални најавите за сериозни инвестиции во инфраструктурата по коридорите 8 и 10, со оглед на тоа што ветувања за истите патишта и пруги во изминативе години доаѓаа од различни владејачки гарнитури, но не се реализираа.
Очекуваме читателите да се изненадат од списокот на најчудни производи што се извезуваат од Македонија, како и од невообичаените дестинации со кои имаме трговска размена.
Секојдневно ќе информираме за најновите трендови на светските берзи и на енергетскиот пазар, со особено внимание на струјата, нафтата и гасот, бидејќи нестабилноста на пазарот сè уште е актуелна и можни се промени на цените на овие енергенти, а особено кај нафтата, откако стапи во сила забраната на ЕУ за увоз на нафтени деривати од Русија.