„Нетфликс“ (Netflix Inc.) изгуби повеќе од милион корисници во Шпанија во првите три месеци од 2023 година, според организацијата за истражување на пазарот „Кантар“ (Kantar), што е знак дека репресијата на стриминг-гигантот во поглед на споделувањето лозинки од страна на корисниците може да резултира со контраефект.
На почетокот на февруари „Нетфликс“ воведе месечна претплата од 5,99 евра (6,57 долари) за корисниците во Шпанија што ги споделуваат своите податоци за логин со друго домаќинство и презеде технички мерки за откривање на таквото споделување. Овој потег е поврзан со падот на корисници за повеќе од еден милион, од кои две третини користеле туѓа лозинка, според истражувањето на „Кантар“, кое се заснова на анкети за навиките за стримање кај домаќинствата.
„Јасно е дека овој голем пад се должи на репресијата“, вели Доминик Сунебо, директор на сектор во „Кантар“, додавајќи дека загубата на милион корисници, дури и ако повеќето не се директни претплатници, ќе биде удар за „Нетфликс“ во однос на популарноста и препораките за неговите емисии и услуги.
Прочитај повеќе
„Нетфликс“ во иднина ќе прави помалку филмови
„Нетфликс“ го реструктурира својот филмски оддел за да снима помалку филмови секоја година и да го централизира донесувањето одлуки.
31.03.2023
Економијата на претплати отиде предалеку
Помина повеќе од една деценија откако интернет-генерацијата се навикна на претплати на „Амазон прајм“, „Хулу“ и „Нетфликс“.
30.03.2023
Нетфликс и Ејч-би-о одлучуваат каде ќе биде вашиот следен одмор
Обожавателите се собираат на локациите на своите омилени серии и филмови во сè поголем број.
27.03.2023
Откажувањата на претплатите во првиот квартал се зголемија за трипати во споредба со претходниот период, според истражувањето на „Кантар“. Од сите преостанати претплатници на „Нетфликс“ во Шпанија, една десеттина рекле дека планираат да ја откажат услугата во вториот квартал.
Од „Нетфликс“ не одговорија веднаш на барањето за коментар.
Слична такса беше воведена во Португалија, Канада и Нов Зеланд, по тестирањето во неколку земји од Латинска Америка.
На глобално ниво, повеќе од 100 милиони луѓе користат налози за кои не плаќаат, според „Нетфликс“. Компанијата не ја разложува оваа бројка по земји.
Минатата недела „Нетфликс“ ги прескокна очекувањата за нови претплатници во првиот квартал, но компанијата посочи дека планот за надзор на споделувањето лозинки и поевтината верзија за стриминг со реклами ќе го забрзаат растот во втората половина на 2023 година.
Инвестицијата на „Нетфликс“ во содржина на шпански јазик се чини дека се исплати. Во првите три месеци од 2023 година, две од петте најгледани серии во Шпанија беа достапни за стриминг на „Нетфликс“, според „Кантар“. Компанијата го отвори својот прв европски производствен центар во Мадрид во 2019 година, објект што беше двојно проширен до крајот на минатата година.