Фондацијата „Отворено општество“, филантропската организација што го контролира поголемиот дел од имотот на Џорџ Сорос, во вредност од 25 милијарди долари, е подготвена да прекине голем дел од своите операции во Европската Унија (ЕУ) како дел од намалувањето на бројот на вработени под новото раководство.
Сорос (93) му ја предаде контролата на фондацијата на својот син Александар Сорос во декември, а подоцна најави намалување за најмалку 40 отсто на бројот на вработени во фондацијата, која донира пари за хуманитарни и демократски цели низ целиот свет.
„Реорганизацијата на работата на ’Отворено општество’ во Европската Унија е дел од пошироката промена во организацијата, бидејќи воведуваме нов модел на работа, кој вклучува глобална анализа на тоа како работиме за поддршка на демократијата, човековите права и климатската правда“, изјави за „Блумберг“ портпаролот на фондацијата.
Во писмото испратено до примателите на грантови во Унгарија, кое го добил и „Блумберг“, фондацијата посочува дека презема „радикална промена во стратегиската насока“ во новиот оперативен модел под новото раководство.
„Новоодобрената стратегиска насока предвидува повлекување и прекинување големи делови од нашата тековна работа во рамките на Европската Унија, префрлајќи ги нашиот фокус и дистрибуција на ресурси кон други делови од светот“, се наведува во пораката. Во друга белешка испратена до персоналот во седиштето на фондацијата во Берлин се наведува дека фондацијата „во голема мера ќе го прекине финансирањето во рамките на Европската Унија и понатамошното финансирање ќе биде крајно ограничено“.
„Фондацијата исто така ќе продолжи да финансира иницијативи што промовираат човекови права, демократија и одговорно владеење низ Источна Европа и Централна Азија, особено во Украина, Молдавија, Киргистан и во земјите од Западен Балкан што не се во ЕУ“, рече портпаролот. Фокусот на грантовите во новиот модел ќе биде одреден во наредните месеци.
„Фондацијата ’Отворено општество’ го менува начинот на кој работи, но моето семејство и самата фондација долго време го поддржуваат и остануваат цврсто посветени на европскиот проект“, се наведува во соопштението на Александар Сорос. Радио Слободна Европа беше првиот медиум што извести за повлекувањето на фондацијата од ЕУ.
Во Унијата, „Отворено општество“ финансираше широк спектар филантропски програми во поранешните комунистички земји, вклучувајќи ги Унгарија, Полска, Словачка, Романија, Чешка, Бугарија...
Во писмото до примателите на грантови не се дадени дополнителни детали за промената, туку само се вели дека така е одлучено затоа што институциите на ЕУ „веќе доделиле значителни средства за човековите права, слободата и плурализмот“. Портпаролот посочи дека новиот модел ќе резултира со намалување на околу две петтини од персоналот.
Роден во Унгарија, Џорџ Сорос е познат како голем поддржувач на либералните каузи и демократските политичари и долго време е на нишан на политичката десница. Тој го основа „Сорос фонд менаџмент“ (Soros Fund Management) и направи богатство, вклучувајќи го и неславниот облог против британската фунта. Фондот го претвори во семејна канцеларија во 2011 година.
Организацијата имаше свое европско седиште во Будимпешта до 2018 година, кога се пресели во Берлин, по долгогодишната кампања против Сорос и заложбите на неговата фондација од страна на националистичката влада на премиерот Виктор Орбан во Унгарија. Има канцеларии и во Барселона и во Брисел.
Фондацијата потроши повеќе од 19 милијарди долари на своите цели во последните три децении. Во 2021 година, таа обезбеди 209 милиони американски долари финансирање во регионот на Европа и Централна Азија, што е речиси 14 отсто од нејзините глобални трошоци, според веб-страницата на организацијата.