Илон Маск е во мисија да го блокира предлог-законот за даноци на претседателот Доналд Трамп, откако се обиде - и не успеа - да ги убеди републиканските законодавци да ги задржат вредните даночни олеснувања за електрични возила, вели лице запознаено со ситуацијата.
Извршниот директор на „Тесла“ лично му се обратил на претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, за да го замоли да ги спаси даночните ослободувања, изјави лицето, барајќи анонимност поради приватноста на разговорот. Верзијата на законот во Претставничкиот дом предвидува да се укинат популарните субвенции од 7.500 долари за електрични возила до крајот на 2025 година.
Откако ја изгуби таа битка, Маск во средата ја засили својата офанзива против клучниот закон на претседателот, повикувајќи ги Американците да ги контактираат своите претставници за да го „УБИЈАТ“ законот, изразувајќи го своето противење поради цената од 2,4 трилиони долари.
Прочитај повеќе

Маск: Не користам дроги, „Њујорк Тајмс“ лаже
„Пробав кетамин на рецепт пред неколку години и тоа го кажав на X, така што ова не е ни вест“, напиша Маск.
01.06.2025

Заврши авантурата на Маск во американската политика
Како шеф на DOGE, напорите на Маск за намалување на трошоците и кратење на владини работни места наидоа на отпор.
31.05.2025

Маск ја напушта американската администрација, што ќе се случи со DOGE
„Како што мојата ангажираност како специјален владин службеник се приближува кон крајот, сакам да му се заблагодарам на претседателот за можноста да придонесам за намалување на расипничкото трошење“, објави Маск на социјалната мрежа X.
29.05.2025

Илон Маск за „Блумберг“: „Мислам дека доволно направив“
На економскиот форум во Катар во интервју за „Блумберг“ Маск зборува за негативните реакции кон „Тесла“, регулацијата на ВИ и стапката на успех со администрацијата на САД.
25.05.2025
„Јавете му се на вашиот сенатор, јавете му се на вашиот конгресмен“, напиша Маск на социјалните мрежи. „Да ја банкротирате Америка НЕ е во ред!“
Оваа објава дојде еден ден откако Маск жестоко го нападна даночниот закон, нарекувајќи го „гнасотија“ што ќе го пробие буџетот, додека фискалните јастреби од Републиканската партија ја засилуваат критиката кон огромниот пакет мерки.
Маск не одговори веднаш на барањата за коментар. Ен-би си њуз претходно објави за неговото обраќање до Џонсон.
Конгресменот Томас Меси, републиканец од Кентаки кој гласаше против мерката, го одбрани Маск, пишувајќи на X (поранешен Твитер): „Тој знае дека ако Америка финансиски колабира, нема да стигнеме на Марс. Во право е“.
Трамп досега нема јавно одговорено на коментарите на Маск, но Белата куќа во средата издаде соопштение во кое се наведува дека законот „отвора ера на невиден економски раст“.
Тензиите помеѓу Маск и Белата куќа се заострија последниве денови, откако технолошкиот магнат формално се повлече од својата улога на чело на Трамповата иницијатива за намалување на трошоците, т.н. Оддел за ефикасност на владата.
По средбата со Трамп и сенатори од Републиканската партија во Белата куќа во средата вечерта, сенаторот Роџер Маршал од Канзас за Блумберг ТВ изјави дека „Илон воопшто не беше важен во разговорот“.
Претходно, Џонсон за новинарите изјави дека Маск „се огреши многу“ во врска со законот и дека даночните олеснувања ќе се исплатат преку економски раст.
Јавното осудување од Маск го става во директен судир со претседателот во критичен момент, бидејќи Трамп лично лобира кај неопределените гласови за поддршка на законот. Неговата кампања против законот може да ја зацврсти опозицијата и да ја одложи имплементацијата на даночните олеснувања и зголемувањето на долгот.
Маск го нападна законот само неколку дена откако се повлече од привремената функција како водач на иницијативата за ефикасност на владата. Неговата висока улога во администрацијата на Трамп ја наруши деловната репутација на Маск, а продажбата на електричните возила на неговата компанија значително опадна.
Верзијата на законот за даноци и трошење што ја усвои Претставничкиот дом би додала 2,4 трилиони долари на буџетскиот дефицит на САД во наредната деценија, според проценка објавена во средата од страна на непартиската Конгресна буџетска канцеларија (CBO).
Пресметката на Канцеларијата покажува намалување од 3,67 трилиони долари во очекуваните приходи и пад на трошењето од 1,25 трилиони долари во периодот до 2034 година, во споредба со основната проекција. Оценката не зема предвид можен економски поттик од законот, што, според Џонсон и Трамп, би ги компензирал загубите од приходите.
Џонсон изјави дека Маск ветил дека ќе помогне за реизбор на републиканците само еден ден пред жестоко да го нападне законот на Трамп, додавајќи дека не сака да му припише лични мотиви. Маск не одговорил на барањето за коментар.
Одделно, Џеред Ајзакман, милијардер во финтек-индустријата, навидум сугерираше дека Трамп ја повлекол неговата номинација за раководење со НАСА поради неговите блиски врски со Маск.
„Имаше некои луѓе кои имаа свои сметки за расчистување, претпоставувам, а јас бев лесна и видлива цел“, рече Ајзакман во епизода од поткастот „Ол ин“ (All-In), објавена во средата.
Неговото повлекување било иницирано од Сержио Гор, шефот на Канцеларијата за претседателски кадар во Белата куќа, според лица запознаени со ситуацијата.
Истите извори велат дека Гор и Маск влегле во судир додека Маск го водел Одделот за ефикасност на владата и дека Гор се заложил да се повлече номинацијата на Ајзакман откако Маск се повлекол од администрацијата.
Портпарол на Белата куќа изјави дека крајната одлука за тоа кој ќе служи во администрацијата ја носи претседателот Трамп.
Маск, најбогатиот човек во светот, со нето-богатство од околу 377 милијарди долари според индексот Bloomberg Billionaires, стана клучен финансиски поддржувач на Републиканската партија. Откако со години донираше скромно, Маск стана најголемиот политички донатор во САД во 2024 година, донирајќи повеќе од 290 милиони долари.
Поголемиот дел од политичките донации на Маск бил насочен кон поддршка на Трамп, но тој исто така ги поддржал и кандидатите за Конгресот. Америка PAC, суперполитичка акциска комисија финансирана главно од Маск, потрошила 18,5 милиони долари во 17 одделни трки за Претставничкиот дом. Иако таа бројка е мала во споредба со околу 255 милиони долари што ги потрошил за поддршка на Трамп, ваквото трошење е значајно во конгресни избори, каде што предизвикувачите во просек собираат помалку од 1 милион долари.
Контролата врз Претставничкиот дом најверојатно ќе се решава преку помалку од дваесетина тесни трки на среднорочните избори во 2026 година. Шансите на Републиканската партија да го задржи мнозинството сериозно би се намалиле ако Маск ја повлече својата финансиска поддршка.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...