Уште една успешна конференција е зад нас. Овој пат „Блумберг Адрија“ собра на сцената голем дел од успешните, кои споделија искуство и планови на темата „Потрошувачки трендови“. Тие што беа дел од настанот сведочеа на плодни дискусии, за другите ги пренесуваме клучните поенти од конференцијата:
- Државата, за жал, не го следи трендот на дигитализација што одамна го наметнува приватниот сектор, смета министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, според кого фокусот мора да се стави на вештачката интелигенција (ВИ) и нејзиното имплементирање како во фирмите така и во државните институции.
- Потрошувачката на домаќинствата го движи македонскиот БДП, а тие имаат ограничена куповна моќ, смета Михаел Блажековиќ, тим-лидер на аналитика во „Блумберг Адрија“.
- ВИ ќе ја разбуди малопродажбата во Македонија, која се соочува со голем број предизвици, кои доаѓаат од надворешните трговски политики, но и од домашните тензии, кои беа особено видливи во последниот период.
- Регионални и европски финтек-компании преговараат за влез во Македонија, која полека но сигурно се трансформира во дигитално општество, а предводници во овој процес се банките, осигурителните компании и Народната банка, која во улога на регулаторно тело поттикнува развој во ова поле.
Општините пред колапс - бараат повеќе пари од државата
Во три месеци од 2025 година долгот на општините, единките корисници во нив и општинските јавни претпријатија се зголемил за три милиони евра.
Според податоците на Министерството за финансии за првиот квартал од годинава, најголеми должници се општинските јавни претпријатија, кои на крајот на март имале достасани а неплатени побарувања во вредност од 11,4 милиони евра. На списокот најголеми должници на Министерството за финансии се наведени Гостивар, Тетово и Град Скопје.
Колку заработуваат директорите на најголемите македонски банки?
За македонскиот банкарски сектор уште еднаш се покажа дека „топ не го бие“ и во кризни времиња, па и во 2024 година прокнижи рекордни добивки, вкупно речиси 283 милиони евра, што е за 22 отсто повеќе во однос на 2023 година.
Само трите најголеми банки – „Стопанска банка Скопје“, „Комерцијална банка“ и „НЛБ банка“ имаа речиси 192 милиона евра чиста заработка. Проверивме во нивните годишни финансиски извештаи колку заработува топ менаџментот, но и секторските директори.
Мукаетов: ЕСГ веќе не е избор, туку чекор кон поголема конкурентност
„За компаниите во земјава и регионот, примената на ЕСГ-принципите повеќе не е избор – тоа е стратешки чекор кон одржлив раст и поголема конкурентност на глобалниот пазар“, истакна во својот воведен говор генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, на регионалната ЕСГ-конференција, која се одржа под мотото „Градење отпорност во свет што се менува“.
Со оваа конференција, заедницата Амчам од четирите земји (Македонија, Србија, Албанија и Косово) ја поставува основата за понатамошна регионална соработка во областа на EСГ и придонесува кон зајакнување на долгорочната конкурентност на Западен Балкан, преку споделување добри практики и заеднички пристапи кон одржливото управување.
Трамп двојно ги зголеми царините за алуминиум и за челик
Американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми царините за увоз на челик и алуминиум од 25 на 50 проценти, исполнувајќи го ветувањето за преземање мерки за заштита на домашните производители. Тој тврди дека царините се неопходни за заштита на националната безбедност.
Од друга страна, Европската Унија и САД се движат во „вистинска насока“ во трговските преговори, иако новите американски давачки за увоз на челик и алуминиум не се корисни ако двете страни сакаат да го одржат замавот, изјави Марош Шефчовиќ по средбата со американскиот трговски претставник Џејмисон Грир.
Денес е можно да украдете и ветер, а загубите се мерат во милиони
Прогнозите дека и воздухот ќе добие своја цена некогаш беа дел од расправиите за потенцијална дистописка иднина, но со ширењето на ветерните електроцентрали во ерата на зелената транзиција, тоа стана реалност. Воздухот сè уште е бесплатен, но енергијата што ја создава неговото движење – односно ветерот – одамна повеќе не е.
Еден од проблемите што настанаа со ширењето на површините под ветерни електроцентрали е, верувале или не, кражбата на ветер. Тој феномен сè повеќе ги загрижува производителите на енергија од обновливи извори, инвеститорите и регулаторите. Веќе постојат и правни спорови за овој проблем, во кои компаниите меѓусебно се обвинуваат за „кражба на ветер“, што им предизвикува загуби од десетици милиони евра.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...