Bo тек се регистрациите за нашата конференција - Consumer Trends. Настанот ќе се одржи на 4. јуни во хотелот „Мериот“ во Скопје со почеток од 10 часот, а на овој линк можете да ја погледнете целата агенда.
Пријавувањето е бесплатно, но поради ограничениот број на места би ве замолиле да ги извршите регистрациите што е можно поскоро, бидејќи пристапот за секој учесник е регулиран со QR код кој е потребен за влез на конференцијата.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Државата годинава се задолжува повеќе од лани
Утре државата на аукција ќе понуди 12 месечни државни записи во вредност од десетина милиони евра или 600 милиони денари. До крајот на месецот, според календарот на Министерството за финансии за емисија на државни хартии од вредност во прв и втор квартал од 2025 година, предвидена е уште една аукција која треба да се одржи на 24 јуни.
Уште колку аукции за државни хартии од вредност ќе има до крајот на годината ќе се знае кон средината на овој месец кога ќе биде објавен новиот календар за емисиите во третиот и четвртиот квартал. „Во истиот ќе бидат содржани податоците за сите планирани задолжувања во овој период, како и детални податоци за државни хартии од вредност кои доспеваат за исплата. Што се однесува до вредноста на емисиите таа е планирана во рамките на Буџетот за 2025 година“, велат од МФ за „Блумберг Адрија“.
Како реагира регионот Адрија на геополитичката врева
Годинава почна со зголемена нестабилност на глобалните финансиски пазари, пред сè поради случувањата во Соединетите Американски Држави, каде што обновените протекционистички потези на Трамп, вклучувајќи нови тарифи, ја нарушија довербата на инвеститорите. Во такво опкружување, пазарите на акции во регионот Адрија имаат мешани резултати од почетокот на годината.
Словенија и понатаму води, при што индексот SBITOP порасна за речиси 30 отсто, поттикнат од силните финансиски резултати во првиот квартал кај сите компании што го сочинуваат. Берзите во Хрватска, Македонија и во Сараево забележаа умерен раст, додека во Србија и Бања Лука заостануваат – втората поради слабото работење на енергетскиот сектор, а и двете поради политичката неизвесност.
Трамп ги зголемува царините за челик и алуминиум
Американскиот претседател Доналд Трамп најави зголемување на царините за челик и алуминиум од 25 на 50 отсто, со цел да ги заштити американските работници и индустријата. Оваа најава доаѓа во контекст на очекуваниот договор меѓу американскиот „УС Стил“ (US Steel) и јапонската компанија „Нипон Ситл“ (Nippon Steel), кој според Трамп ќе обезбеди компанијата да остане под американска контрола.
Претседателот најави инвестиции од 14 милијарди долари, од кои 2,2 милијарди ќе бидат насочени кон зголемување на производството, а 7 милијарди за модернизација и проширување на капацитетите во неколку сојузни држави. Тој истакна дека „УС Стил“ нема да отпушта работници и дека производството ќе продолжи со полн капацитет најмалку 10 години.
Маск: Не користам дроги, „Њујорк Тајмс“ лаже
Милијардерот Илон Маск изјави дека не користи дрога, негирајќи го извештајот на „Њујорк Тајмс“ во кој се тврди дека тој често користел кетамин и некои други дроги.
„Пробав кетамин на рецепт пред неколку години и тоа го кажав на X, така што ова не е ни вест. Помага за излегување од мрачни ментални состојби, но оттогаш не сум го користел,“ напиша Маск на X, додавајќи дека весникот „лаже“.
Маск, кој работеше како близок советник на претседателот Доналд Трамп во неговите напори за намалување на владините трошоци, во петокот се повлече од таа улога. Главниот извршен директор на „Тесла“ (Tesla) и „Спејс екс“ (SpaceX) изјави дека планира да го советува Трамп и по повлекувањето од функцијата во Одделот за владина ефикасност (DOGE).
Зголемена побарувачка за „ролекси“ поради царините
Љубителите на часовници масовно купувале користени часовници од „Ролекс“ (Rolex SA) и „Патек Филип“ (Patek Philippe SA) кон крајот на април, трошeјќи пари пред можните царини од претседателот на САД, Доналд Трамп.
Продавачот и трговската платформа за часовници „Сабдајл“ (Subdial) често забележува зголемена активност откако луѓето ќе ги добијат своите плати на крајот од месецот. Во април, овој пораст по исплата беше за 160 отсто повисок од нормалното ниво на тргување, што е далеку над просечниот пораст од 112 отсто што се случуваше во други денови на исплата во текот на изминатата година.