Илон Маск изјави дека ќе продолжи да го советува претседателот Доналд Трамп дури и по повлекувањето од Канцеларијата за владина ефикасност (Department of Government Efficiency / DOGE), која ја предводеше.
„Очекувам да останам пријател и советник, и ако претседателот има нешто што сака да направам, му стојам на располагање“, рече Маск покрај Трамп за време на прес-конференција во петокот во Белата куќа. „Ова не е крајот на DOGE, туку навистина почетокот.“
Овие коментари укажуваат дека извршниот директор на „Тесла“ (Tesla Inc.) и „Спејс екс“ (SpaceX) планира да остане во близина на претседателот, и покрај најавите дека ќе се повлече од Вашингтон и ќе се фокусира на својата бизнис империја. Како шеф на DOGE, напорите на Маск за намалување на трошоците и кратење на владини работни места наидоа на отпор од федералните службеници, демократските законодавци и реакции од клиентите кон компанијата за електрични возила.
Настанот во петокот послужи како одговор на неодамнешните медиумски извештаи дека најбогатиот човек во светот ја губи поддршката во Вашингтон, делумно поттикнати од критиките на Маск кон некои од клучните политики на администрацијата за царини и даноци. Трамп зборуваше пофално за Маск, дури му подари и церемонијален златен клуч.
„Илон навистина не си заминува,“ рече Трамп. „Ќе се враќа постојано.“
Недостатокот на фокус од страна на Маск ги вознемири инвеститорите и аналитичарите на Волстрит, кои ја потценија штетата што ѝ се нанесе на марката „Тесла“ ширум светот. Како што растеше незадоволството од неговите дела и изјави, милијардерот вети дека значително ќе се повлече од владината работа за да посвети повеќе време на „Тесла“, особено пред критичното лансирање на услугата со роботакси во Остин.
Bloomberg
Иако цената на акциите на „Тесла“ делумно се опорави од длабокиот пад во првиот квартал, последиците се почувствуваа и врз личното богатство на Маск. Акциите – главен извор на неговото богатство – се намалени за околу 14 отсто оваа година, што избриша околу 45 милијарди долари од неговата нето-вредност, според Bloomberg Billionaires Index.
„Спејс екс“ исто така се соочува со предизвици, по неуспехот со летот на главната ракета „Старшип“ (Starship) оваа недела.
Во петокот, Маск одби да коментира за извештајот на „Њујорк тајмс“ (New York Times) објавен претходно истиот ден, во кој се тврди дека додека ја водел кампањата за реизбор на Трамп, користел повеќе дроги од претходно. Според извештајот, Маск често користел кетамин, како и екстази и психоделични печурки, и имал непредвидливо однесување.
На прашањето на новинар во петокот навечер дали знаел за редовната употреба на дроги од страна на Маск, Трамп одговори: „Не, не знаев. Мислам дека е фантастичен.“
На прашањето дали го вознемирува извештајот, Трамп рече дека „ништо не го вознемирува во врска со Илон“ и го пофали неговиот ангажман во DOGE, велејќи дека направил „одлична работа.“
Најголем донатор
Маск, кој има 53 години, беше најголемиот донатор за поддршка на реизборот на Трамп, донирајќи повеќе од 250 милиони долари. Како специјален владин службеник во администрацијата, Маск можеше да ги води своите бизниси додека имаше канцеларија во Белата куќа. Тоа беше привремен аранжман, бидејќи законот за специјални владини службеници дозволува само 130 работни дена годишно.
Маск ќе продолжи да има влијание врз Трамп, слично како и некои други моќни директори, но губењето на специјалниот статус веројатно ќе ја промени нивната релација.
И покрај ветувањата дека ќе продолжи, времето на Маск во политиката „во суштина завршува по овој експеримент кој очигледно се претвори во штета за брендот 'Тесла'“, посочи аналитичарот на „Ведбуш“ (Wedbush), Даниел Ајвс, во белешка до клиентите.
Маск во последните недели ги притискаше законодавците да воспостават основна рамка за автономни возила, објави „Блумберг“, што ја нагласува судирот меѓу неговите деловни интереси и владата.
За време на петочната прес-конференција, која формално го означи крајот на неговата владина служба, Маск носеше црна капа и црна маица со натпис „The Dogefather“. Исто така имаше модринка под окото, што предизвика прашања од новинарите. Маск рече дека тоа го направил неговиот петгодишен син, X.
„Му реков: удри ме во лице, и тој го направи тоа,“ рече Маск. „Во моментот не почувствував многу, но очигледно остави модринка.“
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...