„Старбакс“ (Starbucks Corp.) додава нови ладни пијалоци во својата есенска понуда, што е знак дека се очекува пијалоците да стануваат се попопуларни и клиентите да продолжат да ги бараат додека времето станува постудено.
Синџирот кафулиња ги става еспресото со вкус на јаболко (Iced Apple Crisp Oatmilk Shaken) и латето со вкус на тиква (Iced Pumpkin Cream Chai Tea Latte) на своето есенско мени со ограничено време, кое започнува од утре четврток. Тоа значи дека три од петте сезонски пијалоци на компанијата стандардно ќе се нудат ладни, соопшти „Старбакс“. Клиентите можат да побараат топли верзии на пијалокот.
Побарувачката за ладни пијалоци експлодираше во последниве години и сега сочинува 75 отсто од пијалоците што се продаваат во „Старбакс“ , во однос на околу 50 отсто пред пет години. Тоа можеби не е изненадување за оние кои се колнат во ладно кафе дури и во зима, но тоа е голема промена за компанијата што го популаризираше еспресото во САД и подоцна ја започна лудоста за зачини од тиква со своето лате.
„Ладните напитоци се апсолутно клучен двигател на растот за нас“, рече Томас Пратер, потпретседател за маркетинг во Старбакс. „Се работи само за следење на желбите на клиентот“.
Новата линија се совпаѓа со 20-годишнината од латето со зачини од тиква (Pumpkin Spice Latte), кое беше измислено во лабораторијата за истражување и развој на Старбакс во нејзиното седиште во Сиетл. Пијалокот стана хит за кратко време и сè уште предизвикува врева на социјалните мрежи. Повеќе од 70 отсто од потрошувачите анкетирани минатата година од страна на фирмата за истражување на ресторани „Техномик“ рекоа дека најверојатно ќе го посетуваат ланецот почесто за да добијат вакво лате.
Други големи синџири на кафулиња лансираа свои слични сезонски пијалоци. Севкупно, американските трговци продале производи поврзани со тиква во вредност од околу 800 милиони долари заклучно со јули годинава. Продажбата вклучува сè, од свеќи до крофни, покажуваат податоците на фирмата за истражување на пазарот „НИК“ (NIQ).