Од Меѓународниот аеродром Скопје, синоќа (2 октомври), заминаа првите патници на новата авиолинија Скопје - Сараево, воведена од страна на „Ејџиан ерлајнс“ (Aegean Airlines), грчката национална авиокомпанија и членка на „Стар алајнс“ (Star Alliance).
Со инаугуративниот лет што полета од скопскиот аеродром, „Ејџиан“ почна со операции меѓу двата главни града со авион „ATR72-600“, со три фреквенции неделно.
Авиокомпанијата ќе лета од Скопје до Сараево секој понеделник, среда и петок.
„Веруваме дека оваа нова авиолинија ќе ја задоволи потребата на патниците за брзо и удобно да стигнат од Скопје во Сараево за нешто повеќе од еден час, наместо копнените видови превоз, кои траат долги часови и значат исцрпувачки патувања меѓу двата главни града“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Роланд Јаги, главниот комерцијален директор на „Ејџиан“, рече дека компанијата сака да ја зголеми поврзаноста и да го прошири присуството на балканските простори.
„Со нашите висококвалитетни услуги сакаме да ја промовираме меѓудржавната мобилност, да го промовираме туризмот и да ги зајакнеме трговските односи, не само меѓу двете земји туку и со Грција“, нагласи тој.
Алан Бајиќ, директор на Меѓународниот аеродром Сараево, посочи дека воведувањето на оваа авиолинија е резултат на заедничката и успешна соработка меѓу двата аеродрома и грчката авиокомпанија.
„Возбудени сме што 'Ејџиан' ги препозна важноста и потенцијалот за воспоставување на оваа линија како одлично подобрување на комуникацијата и зајакнување на соработката во областа на економијата и туризмот меѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина“, истакна Бајиќ.
До крајот на октомври времето на поаѓање од скопскиот аеродром ќе биде во 19 часот, со време на пристигнување на аеродромот во Сараево во 20.10 часот, додека времето на поаѓање од аеродромот во Сараево ќе биде во 20.50 часот, со време на пристигнување на аеродромот во Скопје во 21.50 часот.
Сличен распоред ќе биде понуден и во текот на зимата 2023/2024.