Укинувањето на флексибилните работни практики е штетно за напорите за подобрување на родовата еднаквост во Лондон, им беше кажано на пратениците во вторникот.
Кога пандемијата на коронавирус ги поттикна бизнисите да се прилагодат на работата од дома, промената особено им користеше на вработените родители, според Фиона Мекензи, извршен директор на „Адер халф“ (The Other Half) со седиште во Велика Британија. Но, три години подоцна, корпоративниот став се менува, рече таа пред Одборот на Министерството за финансии, кој моментално го истражува сексизмот во финансискиот сектор во Лондон.
„Многу извршни директори се 'прилично заинтересирани да ги исклучат ваквите мерки'“, особено во фирми предводени од основачите, можеби во фирми со седиште во САД, а секако и во инвестициската индустрија. Многу се намалува и скратува“, рече Мекензи. „Има жени низ градот кои сега се на отказен ркок, кои ги напуштија работните места каде што беа висококвалитетен кадар бидејќи хибридната работа им овозможи да останат во таква улога“.
Пратениците ја истражуваат состојбата на родовата еднаквост во Лондон по голем број скандали во индустријата, како што се обвинувањата за вознемирување против магнатот од сферата на хеџ-фондовите Криспин Оди и Конфедерацијата на британската индустрија, најголемата лоби група за деловниот сектор во земјата. Жените во индустријата со родовиот јаз се соочуваат и во платите - од 26 проценти, и ретко се појавуваат на високи позиции во компаниите, а двете состојби се менуваат многу бавно.
Истражувањата „сугерираат дека индикаторите едвај се промениле од 2018 година“, годината на движењето „Ми ту“ (#MeToo), рече Хариет Болдвин, која претседава со одборот.
Ова делумно се должи на отпорот кон промените во секторот каде што многу компании сè уште ја одржуваат културата на „Олд бојс клуб“. Мажите доминираат во бројки, а некои фирми сè уште немаат транспарентност за платите, бонусите и напредувањето во кариерата, беше посочено пред пратениците.
Флексибилните работни практики може да бидат клучни во борбата против „мајчинската казна“, каде што можностите за кариера за жените се прекинуваат откако ќе станат мајки.
Меѓутоа, во целиот сектор, компаниите сè повеќе ги ограничуваат таквите политики, при што „Лојдс банкинг“ (Lloyds Banking Group Plc), ХСБЦ (HSBC Holdings Plc) и британските вработени во „СитигрупЕ (Citigroup Inc.) се информирани дека треба повеќе време да минуваат во канцеларија. „Ситигруп“, исто така, го следи присуството на вработените, откако главната извршна директорка Џејн Фрејзер ги предупреди вработените дека ќе бидат принудени да се вратат во канцеларијата доколку нивната продуктивност се намали.
Компаниите кои жестоко се борат против флексибилните работни практики сега ги губат жените, рече Мекензи. „И има лидери кои се очајни, бидејќи знаат дека губат извонредни луѓе поради таквите одлуки - да се исклучи хибридната работа без размислување“.
Во пишаниот извештај, „Адер халф“ наведува дека работниците во финансискиот сектор бараат од нивните фирми да создадат флексибилни работни процеси, а особено да ја направат работата со скратено работно време поодржлива. „Иако ова може да изгледа очигледно и лесно остварливо, бара поголема организациска посветеност отколку вработување на жени со скратено работно време и потпирање само на тоа дали тие ќе успеат да се носат со предизвикот или не“, се наведува во извештајот.