Државниот инспекторат во Хрватска нареди да се повлечат одредени серии на пијалакот „кока-кола“ (Coca-Cola Оriginal Taste) во ПЕТ-амбалажа од 0,5 литри и ароматизираната минерална вода „ромерквел емоушн“ (Romerquelle Emotion Blueberry Pomegranate) од 330 милилитри во стаклена амбалажа.
„Привремено повлекуваме една серија од ’кока-кола оригинал тејст’ (Coca-Cola Оriginal Taste) во пластична амбалажа (ПЕТ) од пазарот во согласност со усната одлука на Државниот инспекторат на Република Хрватска, серија производи ’кока-кола оригинал тејст’, газиран безалкохолен пијалак од 500 милилитри произведен на 11 октомври 2023 година, со рок на траење до 11 април 2024 година. Иако нашата внатрешна анализа не покажа никакви неправилности во производството или во производите, исто така донесовме одлука привремено да повлечеме две ограничени серии ’ромерквел емоушн’ (Romerquelle Emotion Blueberry Pomegranate) од 330 милилитри во стаклена амбалажа до завршувањето на официјалната истрага. Станува збор за серии произведени на 27 мај 2023 година (со рок на траење до февруари 2024 година) и 22 јуни 2023 година (со рок на траење до март 2024 година). Продолжуваме да соработуваме со надлежните органи и преземаме конкретни активности за заштита на нашите потрошувачи“, соопштија од „Кока-кола Хрватска“ (Coca-Cola HBC Hrvatska), објаснувајќи дека потегот е за да се заштити јавното здравје.
„Фортенова“ (Fortenova) објави дека ги повлекува сите безалкохолни пијалаци од „Кока-кола“.
„Со основна цел да го заштитиме здравјето на нашите клиенти и на сите други засегнати страни и одговорен пристап кон целокупниот бизнис, членовите на групацијата 'Фортенова' - 'Конзум', 'Велпро', 'Тисак' и 'Рото Динамик' - доброволно и превентивно ги повлекуваат сите безалкохолни пијалаци произведени од 'Кока-кола' од нивната малопродажна и големопродажна мрежа. Привремената одлука на групацијата 'Фортенова' ќе важи сè додека не добиеме официјална информација за безбедноста на производите и инструкции како да постапиме од страна на соодветните институции и производители“, наведуваат на официјалната веб-страница.
Оваа вест следува откако ХРТ неофицијално дозна дека се готови резултатите од ХЗЈЗ, кои утврдиле дека се констатирани одредени неправилности во 16 шишиња. Официјалните резултати сè уште се чекаат.
Откако во вторникот на социјалните мрежи во Хрватска завладеа паника поради објави за труење со газирани пијалаци, министерот за здравство Вили Берош во средата потврди дека во земјата во моментов има шест случаи поврзани со труење, со полесни повреди.