Понудата на Џим Ретклиф за удел до 25 отсто во Манчестер Јунајтед ќе му даде на англискиот фудбалски клуб од Премиер лигата околу 4,4 милијарди фунти (5,5 милијарди долари) капитал.
Британскиот милијардер понуди околу 33 долари по акција за удел во познатиот стар фудбалски клуб, велат извори запознаени со ова прашање. Тоа претставува премија од 79 отсто во однос на цената на затворањето на тргувањето во Њујорк во четвртокот.
Американското семејство Глејзер, кое поседува 69 отсто од Манчестер Јунајтед, се согласи да продаде четвртина од својот удел како дел од договорот, според изворите кои сакаат да останат анонимни бидејќи работата е приватна.
Ретклиф се натпреваруваше да инвестира во Манчестер Јунајтед против катарската група предводена од шеикот Џасим Бин Хамад Џ. Ал Тани. Катарците на крајот ја повлекоа својата понуда за целосно преземање, претходно објави „Блумберг Њус“
Малцинските акционери на Манчестер Јунајтед – меѓу кои се „Линдсел Трејн“ и „Ариел Инвестментс“ – сега ќе одлучат дали да ја прифатат понудата на Ретклиф. „Скај Њус“ ја објави цената претходно во петокот.
Оние кои работат на договор со Ретклиф се надеваат дека ќе го завршат пред следниот четврток, Денот на благодарноста во САД, велат изворите. Договорот би го вреднувал Манчестер Јунајтед на повеќе од 5 милијарди фунти со вклучен долг.
Договорот ќе ја спушти завесата по повеќе од една година неизвесност околу сопственичката ситуација на Манчестер Јунајтед. „Блумберг Њус“ првпат објави во август 2022 година дека семејството Глејзер ќе размисли за продажба на малцински удел во тимот, а во октомври оваа година Ратклиф се појави како фаворит. Ретклиф претходно ја реструктуираше понудата за Манчестер Јунајтед за да ја реши загриженоста на малцинските сопственици дека ќе бидат исклучени од каков било договор.
Џон Јетимоглу од „Инфинитум Партнерс“, друг малцински акционер во Манчестер Јунајтед, изјави за „Блумберг Њус“ овој месец дека Ратклиф ќе треба да понуди за акциите од 35 до 40 долари за да добие поддршка од акционерите.
„Ќе се спротивставам на сè што на мнозинството Глејзерс ќе им даде материјално подобар договор отколку на малцинските инвеститори“, изјави претходно за „Блумберг“ основачот на Еминенс Капитал, Рики Сендлер. „Тоа е сигурно.“