Скопје денеска е домаќин на 30-тиот состанок на министрите од земјите членки на ОБСЕ. Ова е најголем настан што се одржува во земјава од осамостојувањето. Ѕвезди на состанокот се американскиот државен секретар Ентони Блинкен и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Блинкен вчера присуствуваше на неформалната вечера и се сретна со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој доцна синоќа одлета за Израел, набрзо по неговото заминува во земјава, нешто пред полноќ, на скопскиот аеродром слета Лавров.
Власта ги презеде сите безбедносни мерки во пресрет на состанокот. Местото на одржување, спортската сала „Борис Трајковски“ е претворена во тврдина, околните булевари се затворени за сообраќај, а движењето низ скопски Карпош е строго регулирано. Администрацијата, училиштата и факултетите денеска не работат. Приватниот сектор добие препорака да не работи.
Добро утро, ова се пет вести кои се важни за почеток на денот.
Состанок на ОБСЕ: Блинкен си замина, Лавров пристигна во Скопје
Во Скопје синоќа се одржа неформална вечера на министрите за надворешни работи кои учествуваат на 30. Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа – ОБСЕ, чиј домаќин е шефот на дипломатијата на Северна Македонија и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.
На вечерата присуствуваа министри за надворешни работи на САД, на ЕУ, на земјите членки на ЕУ, Велика Британија, на земјите партнери од Медитеранот, Блискиот Исток и од Азија. На најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во државава од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на Организацијата.
Голем број барања за средба со Лавров во Скопје
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска изјави дека голем број земји поднеле барања за средба со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров за време на неговиот престој во Скопје на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ.
„Навистина можам да потврдам дека има многу барања за билатерални средби. Ќе има и мултилатерални средби“, рече Захарова на брифинг со новинарите.
Почнува КОП28: Најважните детали за климатската конференција
Денеска почнува и годишниот состанок на светските лидери за прашањето за климатските промени (КОП28/ COP28 / Conference of the Parties of the UNFCCC) во Дубаи. Меѓу клучните теми ќе биде намалувањето на употребата на фосилните горива, ако не и целосно постепено откажување од овој вид енергија.
Меѓу главните теми се и механизмите за приспособување на екстремните временски услови, тргувањето со емисиите на јаглерод и новиот фонд што треба да се искористи за плаќање на загубите и штетите предизвикани од глобалното затоплување.
Климатските цели се недостижни заради енергетската неефикасност
Земјите ширум светот треба да ја удвојат стапката на напредок во енергетската ефикасност доколку сакаат да ги исполнат глобалните климатски цели до средината на векот, објави во средата Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Енергетската ефикасност е клучна за намалување на емисиите на стакленички гасови, особено во светло на очекувањата дека побарувачката за електрична енергија ќе се зголеми. На пример, ако САД го префрлат целото осветлување на ЛЕД технологија, тоа ќе заштеди енергија што може да напојува три милиони електрични возила годишно, истакнува ИЕА.
Парите од европските фондови ни пропаѓаат поради администрацијата
Македонија шеснаесетта година едноподруго има на располагање пари од фондовите на Европската Унија. Но, и по толкав временски период, институциите половично ги користат доделените пари. Слабиот административен капацитет, недостигот од човечки ресурси, недостигот од политика за задржување на вработените и слабата обука за јакнење на капацитетите се клучните проблеми што ја кочат администрацијата да аплицира и да ги реализираа проектите.
Европската комисија (ЕК) во последниот извештај само ги препиша препораките од пред неколку години за тоа што треба да се промени за средствата да бидат ефикасно и ефективно искористени. Минатата година, според извештајот на ЕК, капацитетот на вработените овластени за европските фондови бил помал од 60 отсто, постигнат бил напредок во следењето и евалуацијата на проектите, но крајната фаза во која треба да се донесат и спроведат заклучоци имала реализација од 50 отсто.