Компаниите АД „Мепсо“, АД МЕМО и „Електродистрибуција“ ги поднеле до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) барањата за цената на електричната енергија што ќе важи од 1 јануари.
Станува збор за три од петте елементи што ја сочинуваат крајната цена и кои РКЕ има надлежност да ги утврдува.
Доколку бидат прифатени сите барања од компаниите, цената на струјата ќе се зголеми за 27 отсто.
Совршена вест за расонување, зарем не? Еве што друго треба да знаете на почетокот на денот.
Како ќе се движат цените на становите догодина
Рекордните цени на недвижностите од лани и натаму важат. Податоците на Народната банка за третиот квартал покажуваат дека намалувањето кое се најавуваше не се случи, туку само забави растот на цените на становите.
Во третиот квартал растот на цените изнесуваше 11 отсто на годишно ниво што е сериозно забавување во однос на ланските 21 отсто. Но, кварталните промени покажуваат дека во периодот од јули до септември цените растеле побрзо споредено со првата половина од 2023 година.
Иако податоците покажуваат забавување, сепак останува впечатокот дека интересот за вложување во недвижности тешко спласнува. Аналитичарот на „Блумберг Адрија“, Иван Одрчиќ, неодамна изјави дека во овој регион историско наследство е „вложувањето во потрадиционални видови средства како што е недвижен имот. Тоа е така затоа што циглата не може да пропадне“.
Фед нема да ги промени каматните стапки
Американската централна банка ќе ги остави каматните стапки на исто ниво на денешниот состанок, кој воедно е и последниот за оваа година. Аналитичарите на „Блумберг Адрија“ наведуваат дека комбинацијата на пазарни трендови и индикатори укажува oти Фед во моментов е доволно рестриктивен.
„Сепак, генерално, американската економија покажа отпорност и не очекуваме нагло забавување на економијата во наредните месеци“, додаваат тие.
Доколку инфлацијата не изненади нагоре, тогаш можеме да очекуваме почеток на намалување на опсегот на референтната каматна стапка на Фед кон средината на 2024 година.
„Комерцијална банка“ со присилна наплата го презеде „Еуроникел“
„Комерцијална банка“ соопшти дека во постапка за присилна наплата на побарувања од должникот „Еуроникел индустри“ се стекнала со сопственост над недвижен и движен имот во вредност од речиси 38 милиони евра.
Ова е исход од неколкумесечната голгота на комбинатот од кавадаречкото село Возарци, период во кој имаше обиди за преземање и од странски компании, за кои пишуваше „Блумберг Адрија“. Со оглед на тешката ситуација во која се најде поранешен „Фени“, банката беше еден од најголемите доверители, по што беа активирани постапки за присилна наплата на долговите.
ЕСГ ја губи поддршката од клучната генерација инвеститори
Поддршката за ЕСГ драстично опадна кај помладите инвеститори, кои вообичаено се најсилните застапници на еколошките и социјалните прашања, а причината се генерално лошите економски прогнози, според истражувањето на Универзитетот Стенфорд и Институтот „Хувер“.
Помалку од половина од милениумците и инвеститорите од генарацијата зед, оние на возраст од 41 и помлади, рекле дека се „многу загрижени“ за еколошките прашања оваа година, што е помалку од 70 проценти во 2022 година.
Не е јасно дали ерозијата на поддршката е моментална или ќе биде долгорочна, вели Амит Серу, еден од авторите на студијата и професор на Факултетот за бизнис во Стенфорд, како и член на работната група за корпоративно управување на „Хувер“. Истражувањето покажува усогласување на помладите инвеститори со оние над 58 години, кои продолжија да изразуваат многу мала загриженост за темите за ЕСГ.
Најдобри и најлоши градови за иселеници во 2023 година
Виена, Цирих и Окленд ги освоија првите места од глобалната консултантска компанија „Мерсер“ (Mercer) во анкетата за квалитет на живот за иселениците во 2023 година.
Австрискиот главен град го задржа своето место на врвот на листата, која последен пат беше објавена во деновите пред пандемијата во 2019 година. Составувачите на истражувањето ја истакнуваат енергичната културна сцена, архитектура и историја на австриската престолнина.
Швајцарскиот град Цирих, на второто место, е посочен во контекст на неговата политичка стабилност и висококвалитетна инфраструктура, додека од другата страна на светот, Окленд е пофален поради високиот стандард на здравствена заштита и културната динамика.