Македонскиот спортски коментатор Атанас Костовски е жив сведок на сите случувања пред 40 години и тој добро се сеќава на Олимписките игри во Сараево и еуфоријата со Јуре Франко. Костовски како 87-годишник ги живее мирните пензионерски денови. Тогаш работел во ТВ Скопје и бил главен коментатор на македонската редакција во главниот град на Босна и Херцеговина.
Особено впечатливо сеќавање за него е токму успехот на Јуре Франко, за кого вели дека бил голема радост за целата земја, но и за него лично. Иако Костовски бил сведок на многу успеси како коментатор, тој 14 февруари, кога се одржувала велеслаломската трка и кога го коментирал преносот, е момент на кој се сеќава како да е вчера.
Јуре бил петти во првата трка, а имал најбрзо време во втората, па освоил сребрен медал. Костовски е всушност човекот што нему му ја врачил наградата од Југословенската телевизија (ЈРТ).
„Секоја вечер имаше специјална програма, во која се сумираа денот и резултатите. Тој ден поради сребрениот медал на Јуре Франко имаше и музика и славење. Главниот режисер на прoграмата на ЈРТ од Словенија, Игор Груден, одлучи поради сите околности јас да му ја врачам наградата на Франко. Тоа беше ВХС-касета“, вели Костовски.
На врачувањето излегол по папучи, но тоа не се видело на програмата. Му рекол на Јуре: „2.41.41 - еве ги бројките што донесоа радост за целата држава“.
Видеорикордер - награда за секој освојувач на златен медал
Костовски се сеќава на многу други детали од оваа Олимпијада, сите и сега му носат солзи на очите.
Сојузниот извршен совет уште во 1983 година донел одлука сите телевизиски центри во Југославија за потребите на Олимписките игри да набават нова опрема и да ја купат без царини. ТВ Скопје купила репортажен автомобил во боја, каков што немала дотогаш. Другите центри купиле и повеќе. Три години претходно имало и семинари за тоа како ќе се одвиваат преносите. Од Скопје заминале стотина луѓе, а вкупно од телевизијата на федерацијата имало околу 2.000, меѓу кои коментатори, камермани, режисери, продуценти и техничари. На ЗОИ 84 имало многу арени, па се нашло решение секој центар да покрие по една арена. ТВ Сараево го одработи свеченото отворање и, во соработка со ТВ Титоград, работеше на алпски дисциплини за жени во Јахорина, ТВ Белград - боб и санки кај Требевиќ, ТВ Загреб - хокеј и лизгање во „Зетра“, ТВ Скопје - хокеј во „Скендерија“ и доделување на сите медали кај „Скендерија“, ТВ Љубљана - машки алпски дисциплини во Бјелашница, ТВ Нови Сад - нордиски дисциплини во Игман, а ТВ Приштина - скокови од двете скокалници на Игман.
Тоа беше многу добро организирана Олимпијада и игри со најмногу нации. Претходно Летната, која беше во Москва, ја бојкотираа многу западни земји, а Русите бојкотираа во Лос Анџелес.
Олимпијадата на телевизија ја следеле две и пол милијарди луѓе од 84 земји од светот. За телевизиски права биле исплатени околу 100 милиони американски долари, од кои најголемиот дел биле од американската АBC. За Игрите биле акредитирани 6.000 новинари, а преносите се реализирале од 120 камери. За секој новинар коментатор биле обезбедени посебни коментаторски места од сите борилишта.
„Секој центар произведуваше програма од точно определената локација, но ние коментиравме секој на својот јазик за сите спортски дисциплини. Сите колеги работевме по цел ден, со специјални работни спортски униформи“, вели Костовски.
Инаку, како што сведочи Костовски, секој добитник на златен медал за награда добивал видеорикордер.
Целиот текст прочитајте го на следниот линк.