Какви се најновите трендови во производството на кафе ќе можете да прочитате в понеделник, во новата анализа што ја подготви аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“. Со оглед на тоа што инфлацијата спласнува, станува извесно дека централните банки во светот и Народната банка на Македонија во наредниот период ќе ги намалат референтните каматни стапки, што ќе доведе и до намалување на каматите на депозитите кај комерцијалните банки. Анализираме дали е сега право време дел од заштедите да се префрли во акции.
Во Македонија наближува одржувањето на парламентарните избори и веќе на големо се подготвуваат изборните програми. Ги прашуваме политичките партии со какви економски мерки ќе се обидат да придобијат повеќе гласачи.
Во нашата земја во изминатиов период има континуиран пораст на платите, а истовремено расте и кредитирањето на домаќинствата. Истражуваме дали има промени во степенот на задолженост на граѓаните од аспект на учеството на долговите во нивниот вкупен доход.
Анализираме колку за овие две години поскапе долгот на Македонија, со оглед на тоа што каматите на државните обврзници се поврзани со Еурибор, кој бележеше зголемување. Истовремено, прашуваме какви се плановите за задолжување на власта во 2024 година и ги анализираме валутната структура на јавниот долг на Македонија и можното влијание од растот на вредноста на доларот.
Цената на златото во изминатиов период достигна рекордни вредности. Истражуваме на што се должат таквите трендови, што може да се очекува во иднина и какви се можните влијанија врз девизните резерви на Македонија. По последните сајбер-напади на МЕПСО, прашуваме какви се механизмите за заштита на државните институции од такви напади и какви опасности демнат во иднина.