Центарот за управување со кризи соопшти дека од утрово е во комуникација со институциите и силите за гасење на пожарот над село Вешала во Општина Тетово што и утрово е се уште активен на недостапен терен. Заради засилувањето на топлиот ветер и огнот зафатена е букова шума.
„Утрово, во 06,55 часот екипа од 10 вработени (ренџери) во Националниот парк „Шар планина“ од Тетово отидени се на терен за гасење на пожарот. Од Националниот парк се бара и асистенција од другите надлежни институции што порано да се интервенира, заради тоа што ренџерите со грбни ПП прскалки („напртњачи“) не ќе можеле да го локализираат пожарот. Од терен е побарана итна воздушна поддршка заради неможноста пожарот да се стави под контрола“, наведуваат од ЦУК.
Од ЦУК е побарана воздушна поддршка од ДЗС и МВР, а преку РЦУК Тетово е побарано од пожарникарите од Тетово да пратат камион со вода за ренџерите да имаат повеќе вода за интервенција.