Инфлацијата во еврозоната забави повеќе од очекуваното, зацврстувајќи ги изгледите за намалување на каматните стапки од страна на Европската централна банка (ЕЦБ) во јуни. Потрошувачките цени на годишно ниво се зголемија за 2,4 отсто минатиот месец, што е намалување од 2,6 отсто во февруари и е во согласност со моделот на „Блумберг економикс“.
Добро утро, подолу се петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Часот работа во Македонија вреди двојно помалку од најнискиот во ЕУ
Со растот на платите се зголемува и вредноста на еден час работа во земјава. Трендот имаше нагорна линија и минатата година, па за еден час работа лани просечен македонски работник заработувал 208 денари, што во однос на 2022 година е зголемување од 27 денари. Нашите пресметки на јануарските плати годинава покажуваат дека во тој месец еден час работа просечно чинел 225 денари (3,65 евра).
Најниската заработувачка по час во земјава, со последното зголемување на минималната плата, изнесува 128 денари. Со ланскиот минималец, кој важеше до минатиот месец, саатнината беше за близу 14 денари пониска. Трошоците за трудот растат во цела Европа. Според европската статистичка служба („Евростат“), лани просечната саатнина во однос на 2022 година се зголемила за 5,3 отсто на ниво на Европската Унија и за 4,8 отсто на ниво на еврозоната.
Анализа: Повисоките плати ќе ги потрошиме, штедењето во втор план
Во услови кога инфлацијата во Македонија спласнува, а просечната плата подолг период бележи раст, се наметнува дилемата каде ќе завршат вишокот расположливи средства на граѓаните - во потрошувачка или како депозити во банките. Аналитичарите на „Блумберг Адрија“ очекуваат во наредниот период и потрошувачката и штедењето да продолжат да растат, но потенцираат дека растот на заработката повеќе ќе се одрази на потрошувачката.
Aко се исклучат ефектите од инфлацијата, може да се види дека реално има намалување на заштедите на домаќинствата во 2022 и 2023 година, а истовремено има реален раст кај потрошувачката во 2022 година и мала надолна корекција во 2023 година. Нашиот аналитичар објаснува дека олабавувањето на инфлацијата во 2023 година повеќе одеше во прилог на штедењето, бидејќи заработката реално почна да расте, што ја зголеми куповната моќ, но и создаде простор за штедење.
Таписеријата повторно е во тренд, македонски чанти ја вратија во живот
Oд повоена Македонија, па до крајот на 20 век, таписеријата била мошне застапена текстилна уметност за создавање декоративни покривки за ѕидови и подови, за делови на мебел или како независно уметничко дело. Сега, таа конечно доби и една поинаква намена.
Станува збор за уникатни македонски чанти изработени со техника на таписерија, кои неодамна беа пласирани како нов тренд во домашната текстилна индустрија. Овие впечатливи рачно изработени модни додатоци се дел од колекцијата „Херитеџ“ (Heritage), која компанијата „Еснаф“ ја создаде за да го поттикне зачувувањето на културното наследство и да ги заживее традиционалните занаети. Авторка на колекцијата е етаблираната македонска дизајнерка Росица Мршиќ. Таа за „Блумберг Адрија“ детално го опишува процесот на создавање на чантите.
Походот кон електрични возила не спласнува, Македонија е на дизел
Кина ги олабави коефициентите на заеми за купување лични возила бидејќи земјата се обидува да го зајакне својот автомобилски сектор, особено електричните возила. Централната банка и финансискиот регулатор соопштија дека стапките на заеми за бензински и електрични патнички возила, вклучувајќи и хибриди, сега може да ги одредат самите кредитни институции. Претходно соодносот беше 85 отсто за електрични возила и хибриди и 80 отсто за конвенционалните автомобили.
Според податоците на македонската Царинска управа, лани во земјава биле увезени 185 нови и 67 стари електрични возила. Нивните сопственици од државата не добиваат никаква субвенција. Државни субвенции нема да добијат ниту тие што годинава ќе купат електрично возило. Со години ваквата можност останува само на хартија.
Златото урива рекорди, среброто најскапо во последните две години
Цената на златото достигна нов рекорд, додека цената на среброто го достигна највисокото ниво во последните две години. Рекордните скокови се случија откако некои претставници на Фед изјавија дека очекуваат американската централна банка трипати да ги намали каматните стапки годинава.
Поради очекувањата за пониски каматни стапки, златото годинава поскапе за речиси 11 отсто и неколкупати достигна рекордни нивоа. Неговата цена достигна ниво над 2.288 долари за унца, додека среброто ја надмина цената од 26 долари за унца. Геополитичките грижи исто така помогнаа цената на златото да порасне годинава. Тоа најмногу се однесува на ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток, што ја зајакна неговата привлечност.