Милијардерот Стив Коен, сопственик на бејзбол-тимот Њујорк Метс (New York Mets), очекува повеќе компании да се префрлат на четиридневна работна недела. Тоа е и една од причините зошто инвестирал во голф.
За појаснување, во САД сè повеќе луѓе играат голф во слободното време, особено во средината на работната недела, откако почна трендот за работа од далечина.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија
Македонија води кредибилни и конзистентни макроекономски политики поткрепени од долгогодишната политика на фиксен девизен курс, подобрите показатели за управување од земјите со слични економски перформанси и евроинтегративниот процес, кој е основа на реформите на среден рок.
Ова се фактори со кои земјата во најновиот извештај на кредитната агенција „Фич“ (Fitch Ratings) го задржа кредитниот рејтинг позициониран на ББ+ со стабилен изглед.
„Фич“ очекува растот да зајакне во 2024 година, буџетскиот дефицит да се намали, исто како и инфлацијата.
Услужните дејности ја движат економијата, производството во грч
Македонскиот бруто-домашен производ (БДП) лани се зголеми за еден отсто. Растот потфрли ако се земат предвид октомвриските проекции на Народната банка според кои 2023 години требаше да заврши со раст на економијата од 1,9 отсто.
Во последниот квартал од минатата година економијата забави споредено со претходните три месеци, а БДП забележа раст од 0,9 отсто. „Гледано од производствената страна на БДП, растот во четвртиот квартал во најголема мера се должи на позитивниот придонес на групата дејности трговија, транспорт и угостителство, градежништвото и индустријата“, пишува во извештајот на НБРМ.
Затоа, „Блумберг Адрија“ ги праша и економистите и бизнисмените дали треба да очекуваме дека услугите ќе бидат тие што и во следниот период ќе ја движат македонската економија и колкав квалитет и колкава вредност носи тоа. Економистите се согласуваат дека, сепак, преработувачката индустрија треба да биде носител на растот и таа да ги поттикнува другите сектори.
Народната банка објави преглед на зелени показатели
Народната банка продолжува со активности за промовирање на зелените финансии, со цел да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, која е суштинска при изработката на анализи и носењето политики.
Така, централната банка за првпат објави преглед на зелените показатели, во согласност со предвидените активности во рамките на Среднорочниот план на активности во доменот на управувањето со климатските ризици.
Прегледот содржи податоци и показатели што се групирани во три целини: показатели за животната средина и енергетика, показатели за климатските ризици и показатели за зелените финансии. Изворот на податоците се различни институции и со овој преглед се прави обид да се соберат релевантните податоци од различни извори на едно место.
На производителите на кабли им претстои заладување на продажбата
Очекуваме растот на продажбата за производителите на кабли да се залади во следните периоди, наведуваат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа за трендовите во овој сектор објавена на „Блумберг Адрија инсајт“. Тие посочуваат дека изминатите три години ја потресоа оваа индустрија, што резултираше со нестабилни трендови на продажба.
„Стабилизирањето на цените на клучните метали ќе донесе добредојдена помош за маржите, особено по двете предизвикувачки години на речиси постојана инфлација на влезните трошоци. Со оглед на стабилизирањето на цените на влезните производи и забавувањето на инвестициската активност (општо во нивните целни индустрии за продажба), малку е веројатно дека ќе опстојува високиот двоцифрен раст забележан во претходните две години“, укажуваат нашите аналитичари.
На Американците им требаат по 1,5 милион долари за во пензија
Просечен Американец сега верува дека му требаат 1,5 милиони долари за удобно да се пензионира, што е речиси 17 пати повеќе од 88.400 долари, колку што штедачите издвојуваат во просек, покажува студијата на „Нортвестерн мјучуал“ (Northwestern Mutual).
Генерацијата зед и милениумците ја поставија границата за удобно пензионирање највисоко, на повеќе од 1,6 милион долари. Генерацијата икс е блиску зад нив. Генерацијата, пак, што е најблиску до пензионирање, бебибумерите имаат најниска граница, од 990.000 долари. „Бумерите се чувствуваат подобро околу нивните бројки и не веруваат дека ќе живеат толку долго колку зумерите (генерација зед), кои очекуваат да се пензионираат на 60 години и да живеат до 100 години“, вели Адити Јавери Гокале, главна службеничка за стратегија во „Нортвестерн“.