Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во март 2024 година изнесува 40.496 денари, што е зголемување во однос на претходниот месец, кога изнесуваше 39.276 денари. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во март 2024 година во однос на март 2023 година е зголемена за 16 проценти.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Се изедначува бројот на деца до 14 и лица над 65 години - кој ќе работи во иднина?
На ветрометина од глобалниот притисок, актуелните кризи и долгорочниот слаб раст и висока сиромаштија, Македонија во последните неколку години сериозно е погодена од предизвикот – сè постарото население да не ги задоволи потребите на пазарот на трудот. Податоците за наталитетот ја топат и последната надеж дека работите ќе станат подобри.
Освен губењето на традицијата за многудетни семејства, дополнително на капацитетот на работната сила влијае и иселувањето, па ако не се промени ништо, во следните педесетина години земјава ќе остане без дополнителни половина милион жители. Или со истите параметри што важеа во 2022 година, во 2070 година бројот на жители во земјава ќе се намали од сегашните 1,8 на 1,3 милион. Ваквото црно сценарио произлегува од пресметките на Државниот завод за статистика што беа објавени неодамна.
Над 500 македонски компании користат онлајн софтверска платформа за логистика
Во ера дефинирана од глобалната трговија и непречениот транспорт на стоки, логистиката претставува невидлива сила што ги врти тркалата на економиите низ светот. Сепак, зад нејзиниот превез се крие пејзаж полн со предизвици, кои се движат од логистичките кошмари на прекини во синџирот на снабдување до сложеноста на испораките. Како столб на модерната трговија, разбирањето и справувањето со овие пречки се најважни за одржување на протокот на стоки преку границите.
Притоа прифаќањето на новите технологии ветува револуција во операциите, нудејќи детален увид и ефикасност. Имајќи го ова на ум, кон крајот на 2022 година е формирана технолошката стартап-компанија „Клевер карго“ (KleverCargo), со главна цел за оптимизација и дигитализација на процесите и имплементација на интегриран менаџмент во синџирот на снабдување.
Западен Балкан на пат да стане една дестинација за американските туристи
Претставници на стопанските комори од земјите на Западен Балкан (Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија) во Вашингтон потпишаа заеднички меморандум со Соединетите Американски Држави за соработка во областа на туризмот. Проектот, кој е прв заеднички чекор во претставувањето на Западен Балкан како единствена туристичка дестинација за американските посетители, треба да биде потврда за добрата регионална соработка.
Притоа беше истакнато дека соработката во туризмот може да има голем мултипликативен ефект врз многу други економски сектори и дека проектот е одлична можност за регионот. Проектот треба да биде основа за создавање платформа за реализација на проекти што се од заемен интерес и да го привлече вниманието на американскиот пазар на поинаков, позитивен начин.
Од „Голдман“ велат дека борбата против инфлацијата ќе го зајакне доларот
Доларот ќе остане силен доколку Банката на федерални резерви (Фед) продолжи да ги држи каматните стапки на овие нивоа додека другите земји ги намалуваат трошоците за задолжување, велат аналитичарите на „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group Inc). Доларот годинава зајакна во однос на другите валути на земјите од Групата 10, а индексот на „Блумберг“ (Bloomberg) што го следи неговото движење напредуваше за речиси три проценти.
Инвеститорите се сомневаат дека Фед двапати ќе ги намали каматните стапки, иако пазарите по објавувањето на априлските податоци за инфлацијата минатата недела сметаа на две намалувања на трошоците за задолжување. Пазарите на своп договори покажуваат дека се очекува Фед да ги намали каматните стапки за 40 базични поени до крајот на годината, а првото намалување од 25 базични поени се очекува на состанокот во ноември.
Има и македонска: Пет пицерии од регионот се меѓу 50-те најдобри во Европа
Пет пицерии од регионот се најдоа на листата на најдобри европски пицерии што секоја година ја објавува порталот „50 Топ пица“ (50 Top Pizza). Највисокото место во регионот го зазеде една хрватска пицерија, но на листата се најдоа и една македонска, една словенечка и две српски пицерии.
Италија секако е исклучена од листата. Најдобрата пица во регионот, според овој портал, може да се проба во Загреб, во „Франко пица и бар“ (Franko's Pizza i Bar“), пицерија што се најде на високото 14-то место, што е голем скок бидејќи лани беше на 43-то место. Следната пицерија на листата е во Скопје. „Мато наполетано“ од Скопје годинава е 16-ти на листата, а лани беше на 25-то место.