Среќа, еуфорија, солзи, гнев, гордост, филозофирање во кафеана, коментирање на кауч, пцости... сето тоа ќе го доживееме со полна сила од 14 јуни до 14 јули, кога ќе се одржи најважната споредна манифестација на светот - Европското првенство во фудбал (ЕП) или популарно Евро 2024. Светот ќе застане за фудбалерите и фудбалските навивачи, но не само за нив - ќе застане и за бизнис-заедницата, која фудбалот го гледа како своја можност или поле за игра. Кои се фаворитите?
Добро утро, ова се останатите пет вести важни за почеток на денот
Паѓа интересот за купување стан, расте бројот на кираџии
Втора година по ред се намалува продажбата, а расте закупот на недвижности. Според податоците на Агенцијата за катастар на недвижности објавени во годишниот извештај, од околу 33.000 регистрирани трансакции лани, 23.545 биле продажби што е пад за четири отсто споредено со 2022 година. Бројот на регистрирани закупи пак се зголемил за девет отсто.
Податоците на катастарот покажуваат дека лани најголем бил бројот на закупи на деловен простор, но во овој сегмент има намалување во однос на 2022 година. Кај становите пак лани има најголем пораст. Вкупно биле регистрирани над 400 закупи повеќе на годишно ниво.
Фити: Дисциплинирана фискална политика за висока економска стабилност
Забрзување на економскиот раст и развој, продолжување на евроинтегративниот процес и борба против корупцијата се трите клучни приоритети на кои треба да се фокусира новата влада, смета академик Таки Фити. Неопходно е да се да продолжат и реформите, а треба да се отвори и широк фронт на борба против сивата економија.
Во однос на инфлацијата, тој укажа дека монетарната и фискалната политика мора да се координираат. Ако има фискална недисциплина и ако буџетот троши многу, оцени тој, нема централна банка што може да ја спречи инфлацијата.
Германија притиска во ЕУ за конечен крај на увозот на руски енергенти
Германија ја повикa Европската унија (ЕУ) да стори повеќе за сузбивање на последните 20 отсто од увозот на руски енергенти што сè уште пристигнува на бреговите на блокот. Берлин повика на потег пред состанокот на министрите во Брисел оваа недела.
Најголемата европска економија, заедно со Чешка, бараат од блокот да формира работна група на високо ниво за да идентификува начини за постепено укинување на преостанатите испораки на руски гас - кои вклучуваат течен природен гас - како и нафта и нуклеарен материјал што сè уште тече во Европа, според писмо видено од „Блумберг њуз“.
Синдикатот на „Самсунг“ го најави првиот штрајк во историјата на компанијата
Синдикатот на „Самсунг“ (Samsung Electronics Co.) го најави својот прв штрајк, дополнително комплицирајќи ја ситуацијата во најголемата јужнокорејска компанија, која се обидува да закрепне од проблемите во својата индустрија.
Националниот синдикат на „Самсунг“, најголемиот синдикат на технолошкиот гигант со околу 28.000 работници, ја објави одлуката во средата откако беа запрени преговорите за платите со раководството. Двете страни беа во преговори од почетокот на годинава, но не успеаја да постигнат договор.
Фунтата најсилна во однос на еврото од август 2022 година
Британската фунта зајакна во однос на еврото најмногу од август 2022 година поради очекувањата дека Банката на Англија (БoЕ) ќе ги намали каматните стапки по Европската централна банка (ЕЦБ).
Фунтата порасна за 0,2 отсто, а едно евро купува 0,84879 фунти, што е најниско од 2022 година.