Бројот на склучените бракови во 2023 година, во споредба со претходната година е намален за изнесува 12.672, што е намалување за 1,6 проценти, објави Државниот завод за статистика. Од друга страна лани имало 1.765 разведени брака, што е раст од 9,4 проценти во споредба со 2022 година.
Најмногу бракови, 1.597 или 12,6 проценти биле склучени во месец август, а најмалку во месец март, 730 бракови или 5,8 проценти. Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 93,2 проценти за жените и 92,2 проценти за мажите. Во втор брак со учество од 7 проценти и во трет брак со учество 0,8 проценти од вкупниот број склучени бракови почесто стапувале мажите. Во 2023 година, според возраста најмногу бракови се случиле во старосната група од 25 до 29 години, односно 4.228 или 33,4 проценти кај жените и 4.450 или 35,1 проценти кај мажите. Просечната возраст при склучувањето прв брак е 27,5 години за невестата и 30,1 година за младоженецот.
Најмалку бракови во текот на годината се разведени во месец август, односно 66 или 3,7 проценти, а најмногу, односно 201 или 11,4 проценти во месец декември. Според возраста, најголем број разводи се случиле во старосната група од 35 до 39 години, од кои 310 или 17,6 проценти кај жените и 295 или 17,6 проценти кај мажите. Според траењето на бракот, најмногу разводи 393 или 22,3 проценти се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.