Рускиот милијардер Алишер Усманов ја тужеше германската филијала на „УБС груп“ поради извештаите за спречување на перењето пари, за кои тој тврди дека започнале нелегална кривична истрага против него.
Рускиот тајкун ја поднесе тужбата пред судот во Франкфурт на 7 јуни, соопштија неговите адвокати во понеделникот. Во тужбата се наведува дека извештаите на банката, поднесени од 2018 до 2022 година, лажно укажувале на потенцијално сомнителни финансиски трансакции.
Портпаролката на судот во Франкфурт одби да коментира веднаш. УБС не одговори веднаш на е-поштата со барање за коментар.
Тајкунот беше санкциониран од Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Велика Британија по руската инвазија на Украина. Тој е меѓу десетиците милијардери, меѓу кои и Роман Абрамович, што се обидоа да се тргнат од списокот со санкции и да го одмрзнат својот имот, но без многу успех.
Во 2022 година германските власти извршија рација врз имотите поврзани со Усманов како дел од истрагата за прекршување на санкциите, бидејќи тој, наводно, одржувал луксузен комплекс во Баварија. Канцелариите на УБС во Франкфурт и во Минхен беа претресени, но судот во Франкфурт подоцна пресуди дека налозите за претрес поврзани со Усманов се незаконски.
Усманов е основач на УСМ, руска инвестициска групација што го контролира „Металоинвест“, најголемиот руски производител на железо. Тој е седмиот најбогат човек во Русија, со нето-богатство од речиси 19 милијарди долари, според индексот на милијардери на „Блумберг“. Покрај руското државјанство, тој е и почесен граѓанин на Узбекистан, каде што е роден.