Поради влошенета безбедносна ситуација во Либан, Министерството за надворешни работи на Македонија ги повикува сите наши државјани кои се наоѓаат во оваа држава, да ја напуштат во прва можна прилика. МНР апелира сите патувања кон оваа држава да се одложат.
„Постои можност за натамошно влошување на ситуацијата, а со тоа и намалени можности за навремено напуштање на Либан. Како и секогаш, ние ги ставаме сите свои капацитети за асистенција на нашите државјани, наведува МНР и посочува на СОС дежурниот телефон +389 75 268 736, како и на електронската адреса: globalsos@mfa.gov.mk“ соопштуваат од МНР.
Поради можност за влошување на ситуацијата, се намалуваат можностите за навремено напуштање на Либан велат од МНР
Лидерот на либанската милитантна група Хезболах се закани дека ќе го нападне европскиот остров Кипар доколку избие војна меѓу Израел и Либан.
Ова е прв пат Хезболах да му се заканува на Кипар, кој е во ЕУ и се наоѓа во Средоземното Море, на околу 200 километри од Либан. Кипар одржува заеднички воени вежби со Израел од 2014 година.
Заканата на Насрала дојде како дел од одговорот на предупредувањето на Израел. Тој рече дека Хезболах „ќе ги расклати столбовите на Израел доколку на Либан му се наметне војна“.
Тензиите меѓу Хезболах и Израел се зголемуваат по нападот на Хамас на 7 октомври и воената кампања на израелските одбранбени сили што следеше. Прекуграничните напади меѓу Хезболах и Израел се интензивираа во последниве недели, што ја зголеми загриженоста за можноста од сеопфатна војна.