Министерството за финансии вчера на две аукции продаде државни хартии од вредност во вкупна вредност 5,92 милијарди денари (96,3 милиони евра). На аукција беа продадени едногодишни државни записи во износ од 2,97 милијарди денари (48,4 милиони евра) со каматна стапка од 3,8 проценти. На втората аукција беа продадени 15-годишни државни обврзници во износ од 2,94 милијарди денари (47,9 милиони евра) со каматна стапка од 5,6 проценти.
Добро утро, ова се останатите пет вести кои се важни за почеток на денот.
Македонија на удар: Откриваме докази дека климатските промени се тука
Македонија деновиве е повторно на удар на топлотен бран, а во иднина ваквите екстремни температури ќе станат уште почести поради влијанијата на климатските промени предизвикани главно од зголемувањето на стакленичките гасови во атмосферата. Мерењата на средната годишна температура на воздухот во Македонија покажуваат покачени вредности во сите градови во земјава во периодот 2009-2023 година, што е доказ дека климатските промени се веќе тука.
Најизразено покачување на средната годишна температура од 1,4 степени Целзиусови во овој период има во Скопје, што не треба да зачудува со оглед на тоа што во главниот град во изминативе години и сè уште масовно се градат високоградби-станбени објекти и следствено на тоа се намалуваат зелените површини.
Климатските промени ќе го поскапат осигурувањето и во Македонија
Според податоците на реномирана глобална реосигурителна компанија „Свис Ре“ економските загуби од природните катастрофи кои се резултат на климатските промени достигнаа 280 милијарди долари. Уште пострашно е тоа што дури 62 отсто од овие загуби не биле осигурени. Во неразвиените земји, дури 90 отсто од загубите се без осигурување.
„Со многу брзо темпо се менува „околината на ризици од природни катастрофи“ и ќе претставува сериозен предизвик и закана за вкупната економија, државата, осигурениците и осигурителната индустрија“, вели во разговор за „Блумберг Адрија“ Климе Попоски, претседател на Управниот одбор на „Македонија Скопје – Виена Иншуренс Груп“.
Значителен раст на прометот на Македонската берза во првата половина од 2024
Вкупниот промет на Македонската берза во првата половина од 2024 изнесувал 3,8 милијарди денари (63,1 milioni evra, што е зголемување за 46,2 проценти во однос на истиот период минатата година кога вкупниот промет изнесувал 2,6 милијарди денари (43,1 милиони евра), покажуваат податоците од полугодишниот статистички билтен на берзата.
Ваквиот раст главно се должи на зголемувањето кај класичното тргување со акции каде што има зголемување на прометот од 94,34 проценти.
Француските аеродромски работници најавија штрајк пред Олимпијадата
Париз се соочува со сериозни нарушувања во патувањето на аеродромите бидејќи работниците планираат да штрајкуваат на 17 јули, нешто повеќе од една недела пред почетокот на Летните олимписки игри.
Пет различни синдикати поднесоа посебни известувања за еднодневен штрајк, при што синдикатот „Форс Увријер“ (Force Ouvriere) ќе организира 24-часовен штрајк со почеток во 5 часот наутро на 17 јули, се вели во заедничката изјава. Портпаролот рече дека членовите на синдикатот тој ден ќе одлучат дали ќе го продолжат штрајкот, додека работниците инсистираат на повисоки бонуси и 1.000 нови работни места.
Истражувачи проучуваат зошто некои луѓе никогаш не заболуваат од Ковид
Намерното инфицирање на здрави млади полнолетни лица со SARS-CoV-2 изгледаше како ризичен предлог кога истражувачи во Британија започнаа своја студија на почетокот на 2021 година, во обид подобро да разберат како вирусот влијае на луѓето.
Сепак, контроверзната студија откри уникатни и фасцинантни сознанија за патогенот на пандемијата. Тоа вклучуваше идентификација на „супер распространувачи“, како носот е клучен портал за пренос и зошто некои луѓе – вклучително и „супер избегнувачите“ на Ковид-19 или „новиди“ – успеваат да го исфрлат вирусот од нивните тела пред да може да предизвика болест.