Во време на објава на финансиските резултати на компаниите во домашната економија, ние ќе се фокусираме на длабинска анализа на нивните перформанси. Во текот на следната недела ќе пристигнуваат резултати и од најголемите светски играчи во чии акции можат секако да инвестираат и македонските вложувачи.
Државниот завод за статистика ќе ги објави податоците за месечната инфлација во јули, податок од кој зависи идната монетарна политика. Македонија има потреба од нови задолжувања, па ќе го следиме и патувањето на македонската министерка за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Унгарија. Земјава договори заем од половина милијарда евра од Унгарија, а според досегашните најави, заемот се зема со каматна стапка од 3,25 проценти, три години грејс период и 12 години рок на отплата, што значи вкупно 15 години.
Ние ќе анализираме какво ќе биде преземањето на „Стопанска банка Битола“ од страна на „Комерцијална банка“ и ќе навлеземе во суштината на банкарските профити.
Меѓу другите анализи, „Блумберг Адрија“ ќе пишува за тоа какви услуги извезуваме и увезуваме, но и за тоа како ќе влијае врз македонскиот извоз тоа што речиси сите компании од автомобилската индустрија, „Мерцедес“, „Порше“, „Тесла“, „Стелантис“, објавија пад на продажбата/приходите во вториот квартал.
Цената на европскиот гас расте иако побарувачката е слаба - ќе анализираме какви цени нè очекуваат за затоплување на огревно дрво, парно, струја и гас во земјава.
Во тек се Летните олимписки игри во Париз, па прашање што вреди е зошто Македонија нема каква било стратегија за развој на спортот.
Ќе пишуваме и какви нови професии создава вештачката интелигенција во светот и кај нас, а и за тоа кои десет стартапи поврзани со вештачката интелигенција треба да се следат годинава.