text size
Глобалните вложувања во вештачка интелигенција и историскиот циклус на вложувања во вооружување ќе ѝ помогнат на Германија да закрепне.
Различните податоци за првите девет месеци, меѓу кои и послабите резултати во третото тримесечје, прикриваат „умерен нагорен тренд“ што се очекува да продолжи и во наредните месеци, изјавија во петокот економистите од „Блумберг економикс“ (Bloomberg Economics).
Сепак, резултатите значително се разликуваат од сектор до сектор. Производството на електрична опрема и одбранбената индустрија бележат силен раст, додека некогаш многу моќните германски производители на автомобили бележат намалување на обемот на работењето.
Прочитај повеќе
Забрзува растот на продажбата на автомобили во Европа, кинеските марки освојуваат пазарен удел
Поскапите горива и државните стимулации ги насочуваат купувачите кон електрични автомобили, од кои европските производители сè уште заработуваат помалку.
22.10.2026
Кина им дава поттик на европските автопроизводители во криза пред саемот во Париз
Саемот во Париз ќе ја покаже битката за цена, технологија и купувачи. Европските марки носат нови модели и понуда на електрични возила под 18.000 евра.
10.10.2026
ЕУ подготвува ограничувања за увозот на кинески хибридни возила
Европската Унија подготвува таканаречени заштитни мерки со кои би се ограничил увозот на кинески хибридни возила во блокот, во обид да го намали трговскиот дефицит.
07.10.2026
Драматичен пад на извозот на катализатори: Што ја чека македонската автомобилска индустрија?
Производот кој со години беше најизвезуван - катализаторите кои се користат во автомобилската индустрија, бележи драматичен пад. Во декември лани вредноста на извозот изнесувала 97,8 милиони евра, до јули годинава се стопила на само 1,6 милиони евра.
18.09.2026
„Фолксваген“ ги потврди плановите за укинување на уште 50.000 работни места
„Фолксваген“ има околу 64 проценти повеќе вработени од „Тојота“, која продава значително повеќе возила.
04.09.2026
„Поради тоа, на среден рок очекуваме умерено проширување“, рече економистот Мартин Адемер. Тој предвидува дека отсега бруто додадената вредност во преработувачкиот сектор ќе расте во просек за околу 0,2 отсто по тримесечје.
Германската економија имаше корист од неочекувано силниот извоз во првата половина од годината, делумно поттикнат од исклучителни околности, како војната во Иран, која влијаеше врз хемиските компании во Азија. Истовремено, расте побарувачката за електрична и оптичка опрема, поттикната од бранот вложувања во вештачка интелигенција.
Растот го поддржуваат и значителните државни издвојувања за инфраструктура и одбрана. Владините економски советници предвидуваат дека економијата годинава ќе порасне за 1,3 отсто, што би бил најсилниот раст на производството од 2022 година.
Анализата на „Блумберг економикс“ се совпаѓа со извештајот на „Бундесбанк“ (Bundesbank), објавен претходно месецов. Во него се наведува дека секторите поврзани со вештачката интелигенција забележале „силен раст на продажбата и производството“, според податоците достапни заклучно со август. Вкупниот бруто-домашен производ во третото тримесечје порасна за само 0,1 отсто, што е помалку од првичните процени.
„Во германската економија гледаме своевиден развој во облик на буквата К“, изјави Силвен Броаје, главен економист за Европа, Блискиот Исток и Африка во агенцијата за кредитен рејтинг „Ес енд пи глобал рејтингс“ (S&P Global Ratings). „Индустриското производство стагнира поради падот во автомобилскиот и хемискиот сектор. Производството на електроника и сродни производи, пак, бележи многу силен раст. Тоа укажува дека германската економија се приспособува.“
Bloomberg
Bloomberg
Меѓу компаниите што имаат корист од овој тренд е производителот на чипови „Инфинеон“ (Infineon Technologies), кој штотуку ја зголеми прогнозата за приходите од центрите за податоци. Раст на работењето бележат и „Сименс“ (Siemens) и „Карл Цајс“ (Carl Zeiss), производител на оптичка опрема и снабдувач на „АСМЛ“ (ASML).
Слабоста во автомобилскиот сектор, каде што извозот и натаму е слаб, делумно се должи на сè посилната конкуренција од Кина, особено на пазарите надвор од Европската Унија, напиша Адемер.
Показателите за економската активност во Германија и натаму укажуваат на силен раст. Индексот на менаџерите за набавки PMI, кој го пресметува „Ес енд пи глобал“ (S&P Global), во ноември порасна на највисокото ниво во повеќе од четири и пол години. Индексот на деловната клима, кој го објавува минхенскиот институт „Ифо“ (Ifo), исто така порасна, иако неговиот показател за индустријата благо ослабе.
Сепак, претседателот на институтот „Ифо“, Клеменс Фуст, предупреди дека задолжувањето и зголемената државна потрошувачка не можат бесконечно да го поттикнуваат растот и дека позитивниот ефект од вложувањата во вештачка интелигенција со текот на времето може да ослаби.
„Секако постои можност за забавување поради промените во политичката клима, како и поради сè поголемите сомнежи за одржливоста на целиот деловен модел“, изјави Фуст во вторникот за „Блумберг ТВ“ (Bloomberg TV).
Тој додаде дека потрошувачката на домаќинствата и градежниот сектор исто така би можеле негативно да влијаат врз вкупниот економски раст, пред сè поради високите трошоци за енергија и растот на каматните стапки.
Дополнителен предизвик се послабите приватни вложувања. Компаниите веќе долго време се жалат на недостиг од реформи, а владата на канцеларот Фридрих Мерц тешко постигнува договор за клучните реформски проекти, меѓу кои и оние што се однесуваат на пензискиот систем и долготрајната грижа за постарите лица.
-Во пишувањето помогна Франсин Лаква.